Јавен повик на ФИТР за технолошки развој- олеснет пристапот до финансиска поддршка


 

Фонд за иновации и технолошки развој го објави вториот повик од Планот за економски раст на Владата (ПЕР), наменет за ко-финансирани грантови за технолошки развој. Повикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) кои сакаат да го унапредат нивото на технолошки развој.

Директорот на Фондот, Јован Деспотовски кој го презентираше инструментот најави дека со овој повик се воведува и олеснета процедура за аплицирање.

„Покрај редовната постапка компаниите од сега ќе може да аплицираат и по скратена односно “fast track” постапка. Апликантите кои ја поминале фаата на админстративна проверка и претселекција, но не биле избрани за кофинансирање сега можат повторно да аплицираат на јавен повик со истиот, односно подобрен предлог проект. Со ова се намалуваат и трошоците за компаниите, но и на Фондот, а значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот,” истакна Деспотовски.

Вкупниот буџет за повикот е 6 милиони евра, односно по три милиони за скратена, и три милиони евра за редовна постапка. Со овој повик владата обезбедува до 30% во максимален износ од 10 милиони денари, а останатите 70 % се влог на компаниите.

Во однос на делот за сопствено ко-финансирање Деспотовски објави дека иницијативата на Фондот и Македонската банкарска асоцијација за дополнителна финансиска поддршка на домашните иновативни компании веќе дава конкретни резултати.

“НЛБ банка воведе НЛБ Иноватор пакет во соработка со Фондот со кој им овозможува на најиновативните компании да користат одредени привилегии и продукти меѓу кои и краткорочен и долгорочен денарски кредит со пониски каматни стапки. Банките го препознааваат потенцијалот на домашните компании и сакаат да вложуваат во нивниот раст. Очекувам по овој пример и останатите банки, согласно своето работење, поактивно да се вклучат во кофинансирање на програмите за иновации и технолошки развој,” нагласи Деспотовски и додаде дека Фондот ќе продолжи да работи на отворање нови можности за финансирање и олеснети процедури за домашните компании бидејќи резултатите од досегашните вложувања се охрабрувачки и мотивирачки.

За потребите на инвестициите за микро претпријатија и ПЗУ (претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е до 10 вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 50,000.00 евра) – финансирањето ќе изнесува максимален износ од 5 милиони денари. За мали и средни претпријатија и ПЗУ (претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 10 до 250 вработени и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 50,000.00 евра а помал од 10,000,000.00 евра) ќе биде овозможено финансирање во максимален износ од 5 милиони денари.

Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа, согласно динамиката на реализација на проектниот план, по претходна уплата на сопственото учество на компанијата и извршен мониторинг на реализација на активностите од страна на Фондот.

Во однос на активностите кои ќе бидат поддржани во рамките на одобрените проекти меѓу другото е и прифаќање и спроведување на европските технички прописи во однос на безбедноста на производите, подготовки за стекнување сертификати за квалитет, активности за подобрување на енергетската ефикасност, подготовка на развојни проекти за деловно поврзување и воспоставување на деловна соработка со странски инвеститори и домашни претпријатија, подобрување на организационата структура за задоволување на растот на фирмата, специјализирани менаџмент обуки, набавка или изработка на специфичен софтвер поврзан со подобрување на организациската структура и перформансот или за подобрување на оперативните процеси кои ќе ја зголемат продуктивноста и/или процесот на планирање и сл.

Во периодот на аплицирање за домашните компании ФИТР ќе обезбеди користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош. Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, Фондот ќе реализира и повеќе информативни сесии во соработка со стопанските комори и други организации.

Евалуацијата на пристигнатите предлог апликации ќе се врши во две фази: првата фаза на претселекција ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Во втората финална фаза, проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, кој ја носи конечната одлука за финансирање. Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: технолошки напредок, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот.

Јавниот повик по редовна постапка ќе биде отворен до 05 февруари, 2020 година а компаниите кои ќе аплицираат по скратената постапка ќе имаат можност тоа да го сторат до 27 декември, 2019 година. Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар, како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк www.fitr.mk/tehnoloskirazvoj.



Видете следно

ФИТР препознаен како успешен модел – поднесена иницијатива да се преслика на регионално ниво

Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ е препознаен како успешен пример во студијата …