Breaking News

Јавна дискусија за Предлог-текстот за новата национална стратегија за млади 2023-2027


Агенцијата за млади и спорт денеска организира јавна дискусија како завршен настан за Предлог-текстот за новата национална стратегија за млади 2023-2027 година.


АМС наведува дека се работи за исклучително важен статешки документ за младите во Република Северна Македонија, која ги поставува основните принципи и насоки за акција и делување на сите чинители во општеството кои ќе водат кон подобрување на социоекономската положба на младите и кон создавање средина која ќе им овозможи на младите да ги остваруваат своите права, потреби и интереси.


Процесот на креирање на новата Национална стратегија за млади 2023-2027 е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Фондот за население на Обединети нации (УНФПА) и Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) во рамките на регионалниот проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот на Обединетите нации за градење мир имплементиран од страна на УНДП, УНФПА, УНЕСКО и UN Women.

Како што е најавено, воведни говори на настанот ќе имаат вицепремиерот Фатмир Бетиќи, Наумче Мојсовски, директор на Агенција за млади и спорт, Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП и Афродита Шаља, шеф на Kанцеларијата на УНФПА во Скопје. хс/са/


Фото: МИА архива

Скопје, 3 мај 2023 (МИА)