Како помина Првата годишна конференција што ја организираше Министерството за финансии


Вчера за првпат беше одбележан денот на носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија, 2 април 1992 година. Министерството за финансии по овој повод ја организираше Првата годишна конференција, на која се обрати претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за финансии Драган Тевдовски, директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија Линда Ван Гелдер и поранешни министри за финансии на Република Македонија.

Како што истакна премиерот Зоран Заев, одбележувањето на овој ден, претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежја низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции.

-Кога ја формиравме актуелната Влада на Република Македонија, се заложивме својата работа да ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните – истакна премиерот.

Претседателот на Владата истакна дека клучните вредности на оваа Влада се транспарентноста, отчетноста и одговорноста. Тој посочи дека во рамки на највисокиот реформски документ – Планот 3-6-9, реализирани се мерки токму во оваа насока.

Заложбата за транспарентост и отчетност се рефлектира најдобро во управувањето со јавните финансии, особено при креирањето и спроведувањето на буџетот, рече премиерот.

Заев посочи дека кога станува збор транспарентноста на буџетот и одговорно буџетско работење, како што е ветено – буџетите се и ќе бидат подготвувани во процес на широка јавна дебата. Во дебатата за Буџетот за 2018 година, како што истакна премиерот, учествуваа невладиниот сектор, експертската јавност , коморите, синдикатите, како и претставници на меѓународните финансиски партнери на РМ. Покрај јавните дебати, во насока на поголема транспарентност, за овогодинешниот буџет беше објавен и „Граѓански буџет“, а исто така изработени се „граѓански буџети“ за сите министерства посебно.

-Оваа Влада ќе остане на определбата парите на граѓаните повторно да се враќаат кон нив и кон стопанството, откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за унапредување на македонската економија и за подобар живот и за здравјето на граѓаните – истакна премиерот Заев и посочи дека Владата и понатаму ќе се стреми планирањето на буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата и тој директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија.


Видете следно

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ КУПИ КУЌА КУПИ СТАН

Градежната комора на  Македонија го поддржува проектoт  Купи куќа купи стан од самиот почеток на неговата …