Канализацискиот систем не е депонија, граѓаните да се однесуваат одговорно со отпадот


Скопје, 7 август 2020 (МИА) – Граѓаните да се однесуваат одговорно и да не фрлаат отпад или градежен шут во канализацискиот систем зашто така го затнуваат и ја нарушуваат неговата функционалност, па наместо да се одведуваат, урбаните отпадни води се слеваат по улиците, апелира јавното претпријатие „Водовод и Канализација” – Скопје.

Претпријатието нагласува дека канализацискиот систем не е депонија.

– Нашите екипи често се сведоци на затната канализациска мрежа, а причина за тоа е неправилно одложен отпад од домаќинствата, градежен шут, кабаст отпад и други предмети. Канализацискиот систем не е депонија. При неодговорно и несовесно одлагање отпад во системот за одведување урбани отпадни води, се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Затоа „Биди одговорен, однесувај се совесно”, заштити го канализацискиот систем, здравјето и животната средина. Правилно одложувај го отпадот – селектирај го за да се рециклира и реупотреби, истакнуваат од „Водовод и Канализација”.

Одржувањето на системот за одведување урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување.

Според претпријатието, ако на некој му се далеку контејнерите за селектиран стаклен отпад, може да го повика тимот на „Пакомак” на телефонскиот број 072 26 66 26. Кабастиот отпад, пак, треба да се селектира и за негово отстранување да се повикаат општинските служби или екипите на ЈП „Комунална хигиена” на бројот 0800 222 33.

Див водоводен приклучок и злоупотреба на канализацискиот систем може да се пријави во Дежурно-информативниот центар на 02 3073 010 или во Дирекцијата на 02 3240 300. Достапни се и меил адресите: kontakt@vodovod-skopje.com.mk, www.vodovod-skopje.com.mk и www.facebook.com/jpvodovod.skopje.


Видете следно

Анкета на Народната банка: Довербата во домашниот финансиски систем е висока

Скопје, 20 септември 2020 (МИА) – Довербата во домашниот финансиски систем е висока и во …