Касами: Оваа Влада нема капацитет да го реализира Коридор 8


Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денеска изјави дека актуелната Влада нема капацитет да ги реализира најавените автопатски делници од Коридор 8, затоа што власта, вели, има многу проекти за тетовскиот регион кои останале само најава.


За вчерашното неприсуство на свеченоста за Коридор 8 не одговори дали Општината имала покана, но рече дека нема да присуствуваат на „свадбите без зет и невеста“ на Владата.


– Нема да присуствуваме на никакви промоции на свадби без зетот и снаата, затоа што знаеме дека оваа влада е позната по тоа што прави такви свадби. Досега само во тетовскиот регион има промовирано три проекти кои нигде не се. Прво фабриката за електрични возила која пред изборите беше промовирана, никој не знае дали кога ќе почне да се стави камен темелник. Исто така, од самиот поранешен премиер во Тетово во изборна кампања беше промовирана инвестиција од 150 милиони евра. Исто од Еколог во делот на инвестиција на резиденцијални објекти, болница и такви работи, самиот премиер Заев го промовираше. Поранешниот министер за екологија промовираше инвестиција за Попова Шапка од над 150 000 000 евра, отиде министерот отиде инвестицијата, истакна Биљал Касами.

Тој рече дека ваквите најави од централната власт се заради нивната неуспешност.


– За нас како Движење Беса е еден од од најважните коридори, Коридорот 8, затоа што како што беше како што е веќе завршен Коридор 10 што го поврзува југот со северот исто така толку важен е и Коридорот 8 за исток-запад, но оваа Влада нема капацитет тоа да го реализира, а се ова што се прави веќе медиумите вие објавувате секојдневно дека целта е корумпирачка и дека не е целта да се реализира таквиот капитален проект, истакна Касами.

Тетовскиот градоначалник рече дека со централната власт Општина Тетово нема никаква соработка во областа на образованието, со полицијата, урбанизмот и културата и за тоа трпат граѓаните. ас /цр


Фото:МИА
Тетово, 5 април 2023 (МИА)