Breaking News

Ќе се формира Државен пазарен и технички инспекторат, одлучи Владата


Владата на денешната седница го задолжи Министерството за економија да го спроведе Планот за негова реорганизација кој, меѓу другото, предвидува спојување на Државниот пазарен инспекторат со Државниот инспекторат за техничка инспекција и формирање единствена институција од типот на инспекциски надзор, подредена на Министерството за економија – Државен пазарен и технички инспекторат.

Според овој пример, предвидени се спојувања и на Фондот за иновации и технолошки развој со Агенција за поддршка на претприемништвото, на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот со Дирекција за технолошко индустриски развојни зони и на Агенција за енергетика со Агенција за задолжителни нафтени резерви.


Министерството е задолжено да го спроведе Планот според утврдените рокови.

-Министерството за економија го спроведува Планот за реорганизација на Министерството согласно заклучок на Владата од седницата на 8 март 2022 година, кога Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа задолжени да започнат со спроведување на првиот пилот проект на министерскиот систем, согласно препораките од Интегрираниот извештај за државна реорганизација, информира Владата. мч/лв/


Скопје, 24 јануари 2023 (МИА)