Кои се најбогатите Македонци?


Петмина Македонци се најдоа на последната листа на „Форбс“ за најбогатите луѓе во регионот. „Утрински весник“ ексклузивно дознава дека на листата која денеска ја објавува магазинот, сопственикот на „Макстил“, „Бетон“, „Факом“ и на повеќе други фирми, Минчо Јорданов, е најимотниот бизнисмен во земјата. Зад него на листата се Штерјо Наков, сопственик на „Фершпед“, Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“, Свето Јаневски, прв човек на „М6“, и Живко Мукаетов, директор на најголемата фармацевтска компанија „Алкалоид“.

Листата на „Форбс“ за најбогатите луѓе на Балканот е составена врз основа на јавните податоци за вредноста на акциите кои тие ги поседуваат во фирмите што котираат на Берза. Во Македонија, наведува магазинот, листата може да биде и непотполна, бидејќи постои голема нетранспарентност на пазарот на капиталот.

Законот за хартии од вредност не дозволува објава на имињата на акционерите, кои имаат помалку од 5 отсто удел во компаниите. Исто така, во Македонија, голем број фирми кои имаат годишен обрт од милиони евра не котираат на Берза. Но, неодамна беше донесена одлука за задолжително котирање што на Берзата ќе донесе уште 90 нови компании, пренесува „Утрински“.


Минчо Јорданов Штерјо Наков Андреја Јосифовски Свето Јаневски Живко Мукаетов

„Форбс“ заклучува дека во Македонија во последните години се’ поуспешно се води бизнис во телекомуникациите и енергетскиот сектор, а атрактивни се и фирми од фармацијата, трговијата, туризмот и производството на вино. Тројца од петте најбогати Македонци се сопственици на винарници.

Најбогатиот бизнисмен во нашата земја, Минчо Јорданов, според процените на магазинот, кој во составувањето на своите листи ги анализира вредноста на акциите што котираат на Берза, тежи 27 милиони евра. Во „Макстил“, директно или преку други компании, Јорданов контролира акции вредни 18,7 милиони евра. Во „Факом“ неговите акции вредат 6 милиони евра, а во градежната компанија „Бетон“, ангажирана на најголемиот дел од проектите врзани за „Скопје 2014“, има удел со вредност од 2,4 милиони евра. Во 2012 година фирмите на Јорданов имале 50 милиони евра приходи, а 730.000 евра чист профит. Тој е сопственик и на винарската визба „Стоби“ во која досега има вложено над 20 милиони евра, на приватната клиника „Ремедика“ и на македонскиот шампион во ракомет, клубот „Металург“.

Штерјо Наков, сопственикот на шпедитерската компанија „Фершпед“, хотелот „Александар палас“, винарницата „Сковин“ и други фирми, е вториот на листата најбогати македонски бизнисмени. „Форбс“ за него вели дека е тајкун во сенка, кој пред неколку години бизнисите им ги предал на синовите. Има удели во „Ферршпед“ кои вредат околу 3 милиони евра, а преку оваа фирма контролира акции во други компании, вредни 10 милиони евра. Наков има удел и во фабриката „Европа“, кој се проценува на 2,3 милиони евра. Неговите фирми во 2012 година имале приходи од 76 милиони евра, за разлика од 2011 година кога приходите им биле повисоки за 6 милиони евра. Сепак, и покрај намалениот бизнис, фирмите на Наков имале поголем профит лани отколку во 2011 година.

Претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски, преку фирмата-ќерка, „Оилко“, ги контролира најголемиот дел од акциите во компанијата. На Берза тие вредат 5,4 милиони евра. Фирмата лани имала приходи во висина од 399 милиони евра, пет милиони евра помалку од 2011 година. Јосифовски, наведува „Форбс“, е еден од ретките бизнисмени во Македонија кој не ја крие платата, која изнесува 140.000 евра годишно.

Македонски крал на пијалаците за магазинот „Форбс“ е Свето Јаневски. Тој долги години беше директор на Пиварницата во Скопје, а неговата компанија „М6“ во 2011 година им ги продаде акциите на „Кока-Кола Хеленик“ и „Хајнекен“ за 34 милиони евра. Јаневски е и сопственик на винарницата „Тиквеш“, каде што поседува акции вредни 6,9 милиони евра. Годишно во „Тиквеш“ се преработуваат околу 55 милиони килограми грозје и се произведуваат околу 35 милиони литри вино. Голем дел од асортиманот на винарницата е наменет за извоз, а најмногу се продава во земјите од регионот. „М6“ има акции и во „Охрид турист“ со вредност од милион евра.

Петтиот меѓу најбогатите Македонци и најмладиот на оваа листа на милионери е Живко Мукаетов, сопственик на „Алкалоид“. Тој во компанијата поседува акции со вредност од 7,3 милиони евра, а неговата сестра Билјана има акции од 5,1 милиони евра. „Алкалоид“ во последните години е меѓу најуспешните компании во Македонија, која има 13 претставништва надвор од земјата и 1.250 вработени. Приходите во 2012 година биле 110 милиони евра, компанијата секоја година бележи раст, а нејзините акции се едни од најатрактивните на Македонска берза.

Сепак, според богатството, македонските бизнисмени се далеку зад милионерите од регионот. Прв на листата најбогати е Хрватот Ивица Тодориќ, сопственик на концернот „Агрокор“. Вредноста само на прехранбено-трговскиот дел од концернот што котира на берзата е 573 милиони евра. Тодориќ е за околу 160 милиони евра побогат од второрангираниот на Форбсовата листа, Словенецот Санди Чешко. Од бизнисот со душеците „Дормео“ и ТВ-продажбата во „Топ шоп“, тој стекнал имот вреден 410,6 милиони евра. Подолу на листата се Србинот Миодраг Костиќ и „МК група“, Емил Тедески од „Атлантик група“, Мирослав Богиќевиќ од „Фармаком“ и други.

Aвтор: Нетпрес


Видете следно

Арсовска: Потребна институционална поддршка за позиционирање на македонските брендови

Македонските брендови тешко се позиционираат, мала e застапеностa на нашите производи на глобалните пазари, a …