Кои се најголемите проблеми со кои децата се соочуваат во однос на насилството, дискриминацијата, децата на улица, образованието, слободното време и животната средина?


Деновиве во јавноста беше презентиран последниот извештај на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ за состојбата на правата со децата во Македонија, но она што привлекува внимание е дека овој алтернативен извештај е комплетно од перспектива на децата, односно изработен од група ученици на возраст од 12 до 17 години од повеќе градови низ земјата.

Извештајот доаѓа како резултат на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата кое претходеше во периодот јуни-јули 2020 година, а во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, но и врз основа на нивното лично искуство и искуството на своите врсници. Децата автори не само што учествуваа во дизајнирање на анкетниот прашалник за истражувањето, туку и активно беа вклучени и во континуирани онлајн средби и работилници, првенствено посветени на самата подготовка на извештајот, вклучително избор на темите, поделба на задачите за пишување помеѓу децата, уредување на текстовите, но и дизајн и илустрации за самиот извештај.

Извештајот е поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, во рамките на процесот на периодично известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во Македонија. Истиот содржи детални и длабински увиди на децата во состојбите со детските права во државата и прецизни препораки за надминување на проблемите со кои тие се соочуваат и недостатоците на системот, и тоа поделени во седум тематски целини, односно Запознаеност со детските права и нивно почитување; Насилство врз децата; Дискриминација; Слободно време, игра, спортски и културни активности; Деца на улица; Образование и Животна средина.

Во однос на запознаеноста со детските права и нивно почитување, наодите укажуваат дека децата не доволно се запознаени со своите права. Извештајот наведува дека 62,8% имаат слушнато за Конвенцијата за правата на детето, но само многу мал дел (2,85%) ја имаат прочитано. 1/3 од децата, пак, воопшто и немаат слушнато за Конвенцијата за правата на детето. Според изјавите на децата кои учествувале во истражувањето, најмногу не се почитуваат правото на образование, особено во ромските средини, правото на игра, правото на чиста средина, правото на сопствено мислење и изразување и нееднаквиот третман поради нивната етничка и верска припадност.

Втората тема која ја опфаќа извештајот е насилството врз децата, и тоа повеќе видови насилство на кои децата можат да бидат жртви, вклучувајќи физичко, психолошко, сексуално, економско, семејно, родово базирано, врсничко и „сајбер“ насилство. Генерално гледано, извештајот наведува дека 10% од децата некогаш биле жртва на насилство, а повеќе од

20% познаваат некој кој бил жртва на некаква форма на насилство. „Врсниците често ме исмејуваат и озборуваат во училиште“, „ На дневна база бев жртва на вербално насилство од соучениците, а професорите не преземаа ништо“ – се само дел од изјавите на децата во врска со најчестиот облик на насилство, а тоа е врсничкото, па оттука, како главна препорака во извештајот се наведува дека децата не смеат да бидат пасивни набљудувачи, односно доколку се сведоци, веднаш да реагираат и да ги известат надлежните служби, наставниците, родителите…

Корисни препораки децата истакнуваат и за останатите форми на насилство, на пример, за психолошкото, дека образованиот систем треба да биде посветен на т.н. „антибулинг“ со посветени кадри кои ќе работат на таа проблематика; понатаму за „сајбер“ насилството дека децата пред сѐ не смеат да ги даваат своите лични податоци; а пак за педофилијата дека децата уште од најрана возраст, во градинките, треба да се едуцираат за својата сексуалност, со што доколку бидат во ситуација да бидат потенцијална жртва, ќе бидат подготвени како да постапат.

Дискриминацијата е исто така чест проблем со кој што децата се соочуваат. Според истражувањето, 42,24% од децата се почувствувале дискриминирани во одредена ситуација, најчесто поради нивната возраст, полот, финансиска состојба на нивното семејство и етничката припадност, но тие кажуваат дека се исто така дискриминирани и поради нивниот изглед, како и поради местото на живеење, нивниот стил на облекување или музика која ја слушаат.

Всушност, загрижува фактот дека повеќе од една третина од анкетираните деца биле сведоци на дискриминација, па во своите препораки, меѓу другото, децата велат дека е потребна итна социјализација на дискриминираните групи деца и нивно интегрирање, потоа едуцирање и на возрасните околу дискриминацијата и беспоштедно ангажирање на наставниците, но и едукација за улогата и значењето на финансиските средства во животот, како и промоција на полова еднаквост пред сè во руралните и економски послабо развиени средини.

Четвртата тема што децата ја истражуваа е слободното време, игра, спортски и културни активности, за којашто главниот заклучок е дека децата, всушност и немаат доволно слободно време за себе. Истражувањето како главни причини наведува дека кај најголем дел деца (64,07 %), слободното време им е ограничено заради премногу домашни задачи и други училишни обврски, но голем дел исто така наведуваат дека немаат слободно време и поради воншколски активности и обврски во семејството.

Во однос на спортските активности, децата сметаат дека се спречени да учествуваат во истите пред сѐ заради лошите економски услови особено во руралните области каде нема ниту спортски сали, ниту спортска опрема, но и високите цени за учество во спортски клубови, па за жал, во нашата земја, учеството во спортски активности, велат, е привилегија само на одредена категорија на деца. Практично истиот наод се наведува во извештајот и во врска со културните и уметничките активности, односно децата наведуваат дека според истражувањето, процентот на оние деца кои посетуваат културни настани е многу мал, односно само околу 15%.

Прашани кои се нивните препораки за збогатување на квалитетот на слободното време кај децата, тие истакнуваат дека е важно да се изградат спортски терени или игралишта за деца во руралните средини, но и општините да бидат заинтересирани барем делумно да ги покријат материјалните трошоци, а исто така препорачуваат и барем еднаш неделно да се организираат разни културни или уметнички активности каде децата ќе можат да се социјализираат, но и да се прашуваат самите деца какви настани би сакале во нивната заедница.

Проблемот со Децата на улица е еден од најгорливите во нашето општество. Овие деца се без соодветна социјална, економска и здравствена заштита, деца без идентитет и без нормални услови за живот, па оттука тие и не се социјализирани и воопшто не се прифатени од околината. Често се повредени и од родителите, кои заедно со нив се составен дел од улиците, малтретирани се и понижувани, дискриминирани и уценувани. Свесни за ситуацијата со која се соочуваат овие деца на улица, децата автори на извештајот наведуваат дека тие треба да бидат згрижени од социјалните служби и подоцна ќе бидат испратени во дом за деца каде што ќе им биде овозможено потребното образование, грижа и љубов, што е неопходно за да пораснат во добри личности.

Со оглед на тоа дека децата вклучени во изработка на извештајот се ученици од основно или средно образование, токму образованието е и најобемната тема која кај децата побудува најголем интерес и желба за надминување на проблемите на системот. Пред сѐ, во однос на квалитетот на образованието, децата велат дека за жал, образованието сè повеќе создава притисок врз децата, отколку што ги подготвува за секојдневниот живот. Речиси 54% од испитаните деца само делумно се согласуваат дека тоа што се учи на час е интересно и корисно. Постојат навистина голем дел работи за кои што децата сметаат дека треба да се променат во нивните училишта, а како најчести одговори се непочитувањето на мислењето на учениците, стресниот пристап на професорите, потребата за повеќе вонучилишни активности, подобрување на хигиената, потребата од изградба на спортски сали онаму каде нема итн. Но, повеќе од 60% од децата сметаат и дека имаат премногу училишни обврски што им го ограничуваат слободното време.

Врз основа на претходно спроведеното истражување, децата наведуваат и голем број корисни препораки како образовниот процес, вклучително и наставната програма и вонучилишните активности, би можеле да се подобрат. Како најважни тие ги издвојуваат: да биде обезбеден уред за секое дете; децата да не бидат преоптоварени, односно во програмата да биде опфатено само она што е приоритет, на сметка на тоа да се додадат предмети кои им се потребни за секојдневниот живот; да се изградат стручни училишта; да се цени мислењето на учениците и конечно да се сфати дека 5-ката не е единствениот начин да се успее; во секое училиште да има вработено квалитетен психолог, да има повеќе корисни вонучилишни активности како работилници, курсеви итн.

Во рамки на темата образование, децата исто така работеа и на 3 поттеми, односно деца со попреченост, недостаток на ресурси во училиштата и хигиената. За секоја од овие категории, во извештајот повторно се наведуваат корисни препораки како проблемите би можеле да се надминат, односно за децата со попреченост, истражувањето покажа дека во училиштата ги нема потребните услови за тие без проблем да ја следат наставата, како лични асистенти, рампи за колички, Брајово писмо и сл. Во однос на недостатокот на ресурси, децата препорачуваат да се даваат нови учебници секоја година, да се обновува инвентарот, да има подобро греење, подобар пристап до технологија итн., додека пак за хигиената, речиси 70% од децата не се согласуваат дека таа се одржува на добро ниво во нивното училиште. Оттука, децата сметаат дека треба редовно чистење на тоалетите, поголеми финансии за училиштата и редовно обезбедување сапун и тоалетна хартија.

Последната, но не и најмалку важна тема на која децата работеа е животната средина, во која децата велат дека проблемите се очигледни, а како најчести ги истакнуваат загадувањето на воздухот, водата и почвата, фрлањето ѓубре насекаде и недостатокот на зелени површини. За 2/3 од децата загадениот воздух е секојдневие за време на зимата. Тоа кај децата предизвикува бројни здравствени проблеми и ги принудува да поминуваат повеќе време во домот. Тие сметаат дека заштитата на животната средина треба да биде составен дел од секој развоен процес, а пак училиштата местото каде што најмногу треба да се промовира образованието за животна средина. Во извештајот тие гласно апелираат до сите: „Да се здружиме и да придонесеме за чиста животна средина и здрав живот!“. Од друга страна, радува фактот што релативно висок процент, односно 62,80% од децата тврдат дека учествувале во активности за заштита на животната средина, што можеби отвора светла перспектива за надминување на проблемите со животната средина кај идните генерации.

Во однос на препораки за подобрување на животната средина, децата наведуваат дека е неопходно да се подигне еколошката свест кај населението, да се пошумуваат и средат зелените површини, соодветно да се справува со отпадот преку селектирање и рециклирање, но секако и да се намали индустриското загадување.

Целосниот извештај може да се најде овде


Видете следно

Собранието разгледа повеќе закони, гласањето ќе биде дополнително закажано

Пратениците попладнево ја продолжија 29. седница, на која на дневен ред се повеќе закони од …