Кој е успешниот македонец што од Штип направи моден центар


Михаило Нетков на чело на некогашната модна конфекција „Астибо“ бил две децении, од нејзините почетоци до мистериозната смрт на Нетков во 1983 година во неговата канцеларија, случај што официјално е регистриран како самоубиство, период во кој „Астибо“ од мал погон на „Македонка“, прерасна во водечка модна куќа во Југославија со повеќе од 4.500 работници

Михаило Нетков (1927-1983), основачот и долгогодишен генерален директор на штипски „Астибо“, некогаш една од водечките модни куќи во СФРЈ, доби спомен-обележје во Штип. Спомен-бистата е пред управната зграда на некогашниот конфекциски гигант, а донатор е текстилниот инженер Венцислав Филипов, сопственик на две текстилни фирми што денес работат во дел од објектите на некогашен „Астибо“.

– Иако не потекнувам од „Астибо“, туку од постариот штипски текстилен гигант „Македонка“, сметам дека беше голема неправда што Нетков немаше никакво спомен-обележје, а благодарение на него и денес работат многу луѓе и стопанственици, меѓу кои и јас. Тој има голем придонес за развојот на текстилната индустрија и на конфекционерството во Македонија. Беше голем визионер. Негова заслуга е и што по пропаѓањето на „Македонка“ и на „Астибо“, десетте ијади луѓе што работеа во нив не останаа без работа. Постепено беа прифаќани од многуте нови приватни конфекции, од кои повеќето се создадени од поранешен кадар на „Астибо“ за кој Нетков особено се грижеше, го испраќаше и на усовршување во странство – вели Филипов.

Стојан Троицки, некогашен директор на центарот за информации и култура на трудот во „Астибо“, познат и како долгогодишен директор на фестивалот „Макфест“, нагласува дека Нетков бил голем визионер, кој во „Астибо“ почнал со 300, а кога заминал го оставил со 4.500 вработени.

– Беше исклучителна личност, редок пример на раководител и менаџер кој интуитивно во себе имаше развојни визии. Од обична работилница направи најголема модна куќа во Југославија. Во тајните на работата воведе многу негови соработници, денес сопственици на приватни конфекции. Крајно време беше да му се постави некое спомен-обележје во градот кој дури и денес некои го препознаваат по „Астибо“ и по модата – истакнува Троицки.

На откривањето на спомен-бистата, на Михаило Нетков се присетија и неговата сестра, Марија Галевска, која истакна дека освен што бил голем стопанственик, се гордее и што тогашните работници уште го паметат по добрите дела, а секретарката на Нетков, Даница Кошча, рече е дека е горда што му била соработничка на основоположникот на конфекционерството во Штип и во Македонија, кој своевремено бил и претседател на конфекционерите во СФРЈ.

За да ја дочитате сторијата на ММС


Видете следно

Со менторство до побрз развој на човечките ресурси во компаниите

Законско регулирање на менторството на работното место,  потреба од изготвување на стандард кој воедно ќе …