Колку пари ќе вратат граѓаните од повратот на ДДВ?


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.

Со овој предлог закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.

„Преку мерката „Мој ДДВ“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели: Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување. Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28.000 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата, и потсети дека парите кај граѓаните започнаа да се враќаат со укинувањето на радиодифузната такса, со враќањето на евтината тарифа на струјата, како и со мерките за раст на минималната и на просечната плата, и со зголемувањето социјалната помош за речиси 300%.

„Доколку се исполнат нашите очекувања и граѓаните бараат сметки, ќе им бидат вратени околу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит“, информираше министерот за финансии Драган Тевдовски, и додаде дека оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ-то од сметка над 30 000 денари.

Со проектот, право на поврат на ДДВ ќе има секое лице над 15 години со важечка лична карта и трансакциска сметка, а просечно четири члено семејство има можност преку повратот на дел од ДДВ да оствари дополнителен приход до 28.800 денари годишно.

Тоа е плата плус во секое семејство на крајот од годината.

Со реализација на оваа мерка, околу 50 милиони евра годишно ќе завршуваат во семејните буџети на граѓаните.

Истовремено оваа мерка директно влијае на намалување на сивата економија и даночно затајување. Повратот на дел од ДДВ ќе ги охрабри граѓаните да бараат фискални сметки и со тоа да влијаат врз намалувањето на сивата економијата и даночната евазија.


Видете следно

Пендаровски-Ердоган: Солидарност и сојузништво за справувањето со коронавирусот

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Република …