Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ ги разгледа состојбите во домашната економија


На 12 јуни 2018 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка во март 2018 година како одраз на здравите економски основи, а при понатамошно стабилизирање на довербата на економските субјекти, на оваа седница на Комитетот беше констатирано дека монетарната поставеност е соодветна, така што каматната стапка на благајничките записи се задржа на нивото од 3,00%. На седницата се одлучи понудата на благајнички записи, исто така, да остане непроменета на нивото од 25.000 милиони денари.

На седницата беше констатирано дека споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика укажува на одредени отстапувања. Ова особено се однесува на динамиката на економската активност. Имено, според проценетите податоци за БДП за првото тримесечје, економијата бележи минимален раст од 0,1%, што е под оцените вградени во априлските проекции. Во првото тримесечје беше задржан континуитетот на солиден раст на извозната активност, како и умереното темпо на раст на потрошувачката на домаќинствата. Сепак, во услови на привремен прекин и пролонгирање на дел од позначајните инфраструктурни проекти, вкупните инвестиции забележаа пад, речиси неутрализирајќи ги позитивните остварувања кај останатите компоненти на БДП.

Во однос на промените кај потрошувачките цени, расположливите податоци за мај 2018 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво од 1,5%, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на базичната инфлација и цените на храната. Досегашните остварувања на инфлацијата се пониски во однос на априлската проекција, но истовремено направени се нагорни корекции кај светските цени на нафтата и житните култури за 2018 година. Во вакви околности, ризиците во однос на проекцијата за 2018 година од 2% се оценуваат како урамнотежени.

Во периодот април – мај, поместувањата кај девизните резерви се во насока на нивно зголемување, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Показателите за нивната адекватност покажуваат дека тие и понатаму се наоѓаат во сигурна зона. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, нивниот број засега не е доволен за да може да се извлечат посигурни заклучоци во овој домен. Остварувањата кај надворешнотрговската размена за април упатуваат на можност за остварување помал трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје на 2018 година. Податоците за менувачкиот пазар, заклучно со првата декада на мај, укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери повисоки од очекувањата за вториот квартал.

Видете следно

Почна огласот за финансиска поддршка од неповратни 10.000 евра

Младите земјоделци до 40 години од вчера ќе можат да конкурираат за финансиска поддршка од …