Breaking News

Костадиновска-Стојчевска во УНЕСКО на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов


Во седиштето на УНЕСКО во Париз денеска почнува програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО. По тој повод, ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот Стево Пендаровски.


Како што е најавено, во рамки на посетата предвидена е средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.


Славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамки на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“ работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов „Патот по кој чекорам“.

Во рамки на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.


Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. бт/бак/

Скопје, 21 март 2023 (МИА)