Breaking News

Ковачевски: Ги осудувам сите кои шират немир и прoвоцираат со цел да се нарушат односите со Бугарија


Секогаш сум осудувал и ќе осудувам насилство од било каков вид. Сите треба да бидеме достоинствени во однесувањето во нашата држава и на ист таков начин очекуваме сите странски државјани да се однесуваат кога доаѓаат кај нас, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека како држава имаме изградено институционални, законски и процедурални механизми за заштита на малцинските права на највисоко нив во Европа.

– Ги осудувам сите кои шират немир и прават провокации со цел да се нарушат односите со источниот сосед. Институциите треба да постапуваат согласно закон за сите оние кои ги шират провокациите и сакаат да ги нарушат односите во државата и помеѓу државите во регионот. Тоа се однесува на наши граѓани, но и на граѓани од странство кои сакаат да дојдат во државата и да го прават тоа без разлика од која држава доаѓаат, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.


Тој вети дека во Канцеларијата на Народниот правобранител ќе бидат воведени дополнителни ресурси кај кои граѓаните ќе можат да пријавуваат одредени неправилности кои некој друг ги прави кон нив, меѓу кои и говор на омраза.

– Процесот на пристапување во Европската Унија е дефиниран во преговарачката рамка, а еден од основите за приклучување кон ЕУ се добрососедските односи, што значи институциите да комуницираат на начин кој обезбедува достоинствена и функционална комуникација помеѓу двете држави. Сите кои не сакаат да не видат како членка на ЕУ и кои прават провокации, тоа го прават токму од таа причина. Такви има во нашата држава, но и во Бугарија. Нашата држава ќе спречи и ќе ги искористи сите механизми на системот за да не се случува во иднина такво нешто од лице без разлика од која држава доаѓа, рече Ковачевски и додаде дека врвен приоритет на Владата е достоинството на нашата држава и на нашите граѓани.


Премиерот посочи дека ќе биде направено се што е во надлежност на Владата со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4 февруари, роденденот на великанот Гоце Делчев.

– Конкретните активности се во надлежност на Министерството за внатрешни работи и се спроведуваат врз основа на Законот за странци, односно одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата заради активности кои ги нарушуваат меѓународните односи на нашата држава и внатрешниот поредок без разлика дали тоа лице е политичар или се занимава со некаква друга дејност, нагласи Ковачевски. вј/сп/