Breaking News

Ковачевски – Курти: Дијалогот е единствената алатка за решавање на отворени прашања, регионот заслужува да се движи напред


Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид оствари билатерална средба со неговиот косовски колега Албин Курти, кој допатува во земјава за да учествува на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што се одржува по покровителство на ЕУ.


Како што соопѓти владината прес-служба, Ковачевски му посака добредојде и успешни разговори на Курти, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција.


– Премиерот Ковачевски го поздрави учеството на Косово во дијалогот со Србија и во однос на актуелниот европски предлог за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово, заеднички беше заклучено дека е исклучително важно да се вложат сите напори за изнаоѓање решение и забрзување на евро-интегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западен Балкан, се наведува во соопштението.

На средбата, Ковачевски нагласи и дека Северна Македонија е пример за земја која по пат на добрососедство, дијалог и компромис постигна историски договори кои го трасираа патот на нашата земја кон Европската Унија и НАТО.


– Токму тој пристап обезбеди членство во НАТО, одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули минатата година, како и целосна заштита на македонскиот јазик, идентитет и македонските идентитетски обележја, се наведува во соопштението.

Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евроатлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока.


– Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите граѓани, се додава во соопштението. сп/

Фото: Влада


Охрид, 18 март 2023 (МИА)