Breaking News

Ковачевски: Опозицијата шири лаги и небулози, промената на Преамбулата е дел од преговарачката рамка


Шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата, вака премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше изјавата на претседеталот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кој „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.


-Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата, истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи.


Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде.

Кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин.


Премиерот потсети дека Работната група за уставните измени има обврска да ги подготви измените согласно преговарачката рамка.

Владата ќе биде подносител, а се работи за промена на Преамбулата и внесување други делови од народи во неа, каде веќе има и други делови од народи.


Тоа е обврска која е императив и основна работа на Работната група, а потоа и на собраниските тела, дополни Ковачевски. Тој рече и дека се уште не ја слушнал изјавата на бугарскиот спикер.

-Не сум ја видел изјавата на претседателот на Собранието на Бугарија, но промената на Преамбулата и внесувањето на деловите од бугарскиот народ, 3 500 наши сограѓани кои се самоопределуваат како Бугари, е дел од преговарачката рамка во која обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со која ги почнавме преговорите.


Ова е една од обврските која нашето собрание ќе ја направи и потоа ќе продолжиме со отворањето на поглавјата и кластерите, а земјава до 2030 година ќе стане дел од ЕУ.

Тоа е целта што ќе ја оствариме сите заедно, подвлече Ковачевски.

Во врска со изјавата дадена на Самитот на Советот на Европа, премиерот напомена дека нема што да појаснува и дека изјавата ја има интегрално, па може да се преслуша и погледне во секој момент.

-Што имав да кажам на Самитот на Советот на Европа го кажав пред 46 делегации на држави. Од тоа постои видео запис. Немам што да појаснувам за таа изјава.

Министерот за надворешни работи има состаноци со своите колеги на кои разговараат за дневните работи кои ја окупираат дипломатијата.

Мојата изјава ја има и интегрално, може да ја погледнете, истакна Ковачевски. мч/аа/фото: МИА .

Извор: МИА