Breaking News

Ковачевски: За сите важат исти правила, ќе биде разрешен секој што не ја извршува соодветно својата работа


Владата покажа дека за сите важат исти правила и дека ако некој не ја извршува соодветно својата работа ќе биде разрешен, како што беше примерот со разрешувањето на директорот на затворот Идризово, а подоцна и со директорот на Управата за извршување на санкции.


Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање дали знае дека во партискиот штаб на СДСМ се договараат бегствата на затворениците од затворите, поставено од пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој како пример ги истакна последните две бегства на затвореници од затворот Идризово и од затворот Скопје на затвореник кој се сликал со раководството на партијата.


-Во првиот случај кој го наброивте во кој беше искористено огнено оружје веднаш интервенираше и МВР и Обвинителството, беа идентификувани сторителите, дел од нив се веќе санкционирани и се поднесени обвинителни акти. Кај вториот случај постапено е од надлежната институција и постапката е во тек. За лицето кое издржувало затворска казна во траење од 8 месеци во затвор Скопје е за сторено кривично дело измама е распишана централна потерница за бегство од затвор. Тоа потврдува дека и МВР и правосудните органи имаат неселективност во однос на постапките кои се водат против кое било лице без разлика со кого се сликал. Доколку се утврдат пропусти во постапката секако дека ќе следи одговорност исто како што следуваше одговорност во првиот случај, рече Ковачевски на денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања.

Нагласи дека констатација на Владата и на меѓународните институции, кои помагаат во управувањето и реконструкцијата на затворскиот систем во државата, е дека треба да се унапреди системот на управувањето со затворите во земјава. вј/ац/