Крајно време е перцепцијата за 5G да ја градиме врз основа на наука и факти


Живееме во брз и динамичен свет кој сè повеќе се одвива онлајн. За да го следиме темпото на забрзаната дигитализација, потребна ни е технологија која ќе може да одговори на современите стандарди. Последниве неколку години постојано се зборува за 5G технологијата, но се соочуваме и со многу лажни вести и дезинформации. Какви се придобивките од овој нов технолошки стандард и како правилно да се информираме? Дали 5G ќе го смени корисничкото искуство и човечкото општество како што го знаеме денес?

Која е моќта на 5G технологијата?


Петтата генерација на мрежни стандарди (5G) целосно ќе го смени начинот на кој комуницираме, работиме и живееме.

Широката распространетост на IoT ќе ја подобри продуктивноста на компаниите, ефикасноста на операциите, брзината на извршување на активностите, а со тоа ќе им помогне на деловните субјекти и општеството во целина да зачекорат кон следната етапа од индустриската револуција. „Побрз интернет” е само почетната, појдовна точка од која започнува влијанието на 5G мрежата. Пореален и подетален приказ на придобивките од 5G технологијата може да се најде во медицината, сообраќајот, производството и борбата против климатските промени, каде преку вмрежените технологии во иднина ќе може да си го олесниме и да си го унапредиме животот. Вистинската моќ на 5G мрежниот стандард целосно ќе ја доживееме кога тој ќе биде целосно распространет и неговата употреба ќе преовлада над веќе постоечката 4G мрежа. Дури тогаш кога уредите ќе бидат поврзани преку новиот стандард, ќе се почувствуваат вистинските придобивки.
Митови и лажни вести за 5G мрежата


Уште од 2018 година, кога за првпат почна да се употребува 5G технологијата низ повеќе градови во светот, почнаа да се шират и првите претпоставки, лажни вести и заблуди. Од лажната теза дека предавателите за 5G „ќе нè спржат кога ќе поминеме покрај нив”, па сè до целосно неоснованите тврдења дека првите Ковид-19 случаи во Вухан се предизвикани од зрачењето на 5G мрежата којашто била поставена неодамна пред тоа. Овие приказни за 5G технологијата се плод на недоволна информираност и стравот од „новото”, кој постоел и кога за прв пат се водедувале парната машина и струјата. Секоја новина е проследена со скепса и полемики, но пандемијата многукратно го зголеми потенцијалот за лажните вести, со оглед на тоа што се соочивме со непознат непријател и немавме одговори зошто и како. Но, токму пандемијата нè научи дека технологијата е наш сојузник, кој ни помогна да работиме, да учиме и да се информираме дури и во услови на најстрог карантин. Затоа е многу важно да внимаваме кога се информираме и да консултираме проверени извори и да не веруваме без резерва во гласините кои со неверојатна брзина се шират на социјлните медиуми.
Безбедноста за новите технологии е проверена и потврдена

Официјалниот став на Светската здравствена организација (СЗО) во однос на безбедноста на 5G мрежата гласи: “…до денес, по извршени многубројни истражувања, не е пронајден ниту еден штетен ефект по здравјето кој би бил предизвикан од изложеносат на безжичните технологии. Имајќи предвид дека целокупната изложеност е под границата утврдена со меѓународни упатства, не се очекуваат последици по јавното здравје…”

Во Македонија, исто така се вршат сите безбедносни проверки за новите технологии. Секторот за телекомуникации во АЕК, заедно со професори од Електротехничкиот факултет при УКИМ и научници и професори од истиот факултет во Љубљана, Словенија, како и Институтот за нејонизирачко зрачење од Љубљана, го истражуваа влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди. Истражувањето покажа дека секоја следна пософистицирана опрема зрачи помалку, што значи 4G зрачи повеќе од 5G, или пак дека обичните мобилни телефони во моментов зрачат повеќе од 5G мрежата.

Во 2019 година АЕК спроведе истражување и на тестната 5G мрежа што ја постави Македонски Телеком и објави Извештај од мерењето на нејонизирачкото зрачење, којшто покажува дека вкупното зрачење е само 15% од максимално дозволената гранична вредност.

Оваа мрежа наголемо се гради низ Македонија. Македонски Телеком веќе има покриено 12 градови со 5G сигнал, а планира да покрие 2/3 од населението до втората половина на следната година. Со оглед на тоа што 5G е веќе тука, треба да обрнеме внимание како и од каде се информираме, и да ги следиме научните факти, наспроти лажните вести кои најмногу се шират на социјалните медиуми.


Видете следно

Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за студии на пан-европска извршна програма од втор циклус на Сити Колеџот во Солун во соработка со универзитетите Јорк и Стразбур

На дваесет граѓани од Северна Македонија денеска им беа доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за студирање …