Крива Паланка – уште една општина со паметно улично осветлување


Македонски Телеком го спроведе проектот што ќе овозможи 80% заштеда и заштита на животната средина

Уште една општина во Македонија ја започна трансформацијата во паметен град со поставување паметно улично осветлување. Во Крива Паланка поставен е систем со над 2000 светилки коишто се вклучуваат и исклучуваат по потреба, а зад целиот процес стои платформа за паметен град, на која може да се додаваат нови апликации и содржини. Целта е да се обезбеди подобра осветленост на улиците и јавните места за 60%, да се намалат сметките за електрична енергија на општината дури до 80% и значајно да се намалат штетните емисии на јаглерод диоксид во воздухот.


Со оваа активност, Крива Паланка ја започнува трансформацијата во современа и одржлива општина во која квалитетот на живот на граѓанинот е ставен на прво место.

„Досега плаќавме околу 800.000 денари месечно за јавно осветлување, а со новата енергетски ефикасна инсталација, трошоците веќе се сведени на само околу 100.000 денари на месечна основа. Освен што ќе добиеме поквалитетно осветлување, се очекува и дефектите на мрежата за јавното осветлување да се сведат на минимум, бидејќи работниот век на новото осветлување е 100.000 работни часа или околу 20 години. Подобреното осветлување овозможува зголемување на функционалноста на патиштата, особено навечер, што ќе придонесе и за поголема безбедност на граѓаните “, вели градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Паметното осветлување го спроведе Македонски Телеком, чиј систем и технологија се уникатни не само во земјава туку и во регионот, со што оваа општина во источниот дел од земјава испишува нова страница во модерната историја на паметните градови.

„Придобивките од ова решение се огромни, а потенцијалот е уште поголем, затоа што на платформата Паметен град можат бесконечно да се додаваат апликации и нови елементи од интерес за граѓаните и локалната заедница. Решенијата за паметен град се пример за користење на технологијата во служба на граѓаните. Ова би требало да ги мотивира и останатите општини да се приклучат кон дигиталната трансформација, којашто ќе донесе подобар живот, економија и, пред сѐ, здрава животна средина” – изјави Гоце Митевски, Главен комерцијален директор за деловни корисници од Македонски Телеком.

Освен Крива Паланка, општините Македонска Каменица, Чешиново-Облешево и Василево, во соработка со Македонски Телеком, веќе го применуваат паметното улично осветлување, а се привршува и проектот Скопје – Паметен град, со кој главниот град целосно ќе се трансформира.


Видете следно

Крушево станува популарна дестинација за авантуристички туризам!

Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи заедно со градоначалникот на …