Кризата, искуство кое го збогатува искуството: Интервју со Зоран Дранговски, претседател на МЗМП


 

  1. Како претседател на Македонското здружение на млади правници (МЗМП), може ли да ни објасните кои се Вашите активности и проекти? 

МЗМП е професионална организација на правници кои работат на обезбедување бесплатна правна помош, со цел заштита на човековите права и владеење на правото. Нашата организација е активно вклучена во градење на капацитетите на институциите во процесот на реформи, поттикнуваме промени во јавните политики таму каде што е потребно, и редовно ја следиме примената на законодавството. Присутни сме во 5 канцеларии, од каде ги спроведуваме програмските активности.

Целиот фокус на нашата организација во моментов е насочен кон помош и поддршка на лицата со кои работи МЗМП, со цел да успеат безбедно да ја поминат оваа криза и да не се доведат во ситуација да бидат во понеповолна положба од тоа што било пред кризата.

Работиме со повеќе специфични категории на лица. Тука би ги споменал барателите на азил, бегалците и мигрантите, за кои подготвивме соодветни информации околу вонредната состојба и мерките што се преземаат, и тоа на 10 различни јазици, и истите се достапни на нашата веб страна. Во Македонија постојат и луѓе кои не поседуваат никакви лични документи (во ризик од бездржавјанство) и се во особено ранлива состојба, а на кои МЗМП им обезбедува правна помош, и во овој период имаме интензивна комуникација со нив со цел да ги утврдиме нивните најитни потреби.

Многу важен во овој период е и сервисот за заштита на жртви на насилни кривични дела, каде работиме со деца, постари лица, лица со попреченост и жени. Вонредната состојба дополнително ја влошува состојбата во која се наоѓаат жртвите и постојано добиваме повици, за што сме во директна комуникација со надлежните институции.

Со особено внимание ја следиме состојбата на лицата кои се наоѓаат во затворите и во установите за лишување од слобода, но и на лицата кои се сместени во државните карантини, за што изготвивме и информативна брошура во однос на правата и обврските за време на Covid – 19.

  1. Во каков контекст го затекна здравствената криза Здружението? Со какви проблеми и предизвици се соочивте? 

Нашата работа се состои од директна работа со луѓе, странки кои имаат правни постапки врзани со рокови, и многу беше важно да се информираат и да се обезбедат сите правни механизми за нивна заштита. Во овој контекст, многу навремени беа уредбите кои ги донесе Владата со цел нивна заштита.

Од самото прогласување на вонредната состојба, ние во целост ги почитуваме препораките на Владата. Работиме од дома, а во две од нашите канцеларии имаме воспоставено дежурства и се примаат само најитните случаи. Од особена важност беше тоа што МЗМП имаше воспоставено соодветна техничка инфраструктура и целокупната работа на организацијата, податоците и документите со кои работи, се на „cloud”, што овозможи сите колеги да имаат непречен пристап до работата и од дома.

Морам да истакнам дека од самиот почеток на кризата, сите меѓународни организации, фондации и амбасади со кои работи МЗМП ни дадоа безрезервна поддршка за претстојниот период, и со тоа имаме флексибилност да ги прилагодиме активностите на новонастанатата ситуација. Во овие 17 години откако постои организацијата веќе имаме воспоставено силни врски на соработка и доверба со државните институции, но и со други организации и правни субјекти, и оваа непосредна комуникација ни помогна да продолжиме со редовните активности и во ваква состојба.

  1. Каква улога има МЗМП во криза и кои се вашите обврски и одговорности во вакви ситуации?

За време на ситуации како моменталната, вонредна ситуација, првото прашање кое кај нас се поставува е како нашата организација може да помогне, и не само сега. За време на бегалската криза во 2015 година бевме меѓу првите организации на јужната граница каде што работевме заедно со полицијата на регистрација на лицата кои влегуваа на наша територија, а кога беа поплавите во 2016 година, заедно со општината направивме тимови од правници кои им помагаа на настраданите со правна помош. Така и во оваа ситуација, редовно ги информираме граѓаните за сите уредби кои се носат од страна на Владата и сите граѓани може да се обратат кај нас за какво било објаснување поврзано со истите. За еден месец се донесени повеќе од 120 нови уредби и дополнувања на веќе донесените, и доколку за сите тие уредби не се информира редовно на јазик разбирлив за граѓаните, може да се создаде голема правна несигурност кај сите.

Ова е период полн со предизвици и неизвесности, и сметам дека е од особена важност во следниот период да не се остава можност за правни празнини и недоречености во уредбите, и сите прашања кои се однесуваат на правата на граѓаните мора да бидат соодветно одговорени. Со целосно разбирање за итноста на дел од мерките, Владата мора да обезбеди формат во кој при одлучувањето ќе обезбеди комуникација и консултации со граѓаните, граѓанскиот сектор и професионалната фела. До овој момент, комуникацијата е еднонасочна и граѓаните дознаваат за обврските по стапување на сила на уредбите. Вонредната состојба е шок за правниот систем во државата, замислете – закони за кои во нормална процедура требало месеци, па и години да се донесат, сега тоа се прави во еден ден. 

  1. Кои се импликациите на вонредната состојба во однос на човековите права, во смисла на нивно ограничување? Како е тоа решено во нашата земја? 

Вонредната состојба ќе ја одбележиме со фактот дека во поголем дел од земјите одговорноста за справување со пандемијата е во рацете на извршната власт, на која овластувањата постојано ѝ се зголемуваат. Зголемените овластувања на извршната власт резултираат со стеснет простор за слободата и правата на човекот. Во текот на месец април, во многу краток временски период, веќе 8 држави (Албанија, Ерменија, Естонија, Грузија, Латвија, Молдавија, Северна Македонија и Романија) поднесоа известување до Генералниот Секретар на Советот на Европа со барање за дерогација на некои членови од Конвенцијата. Нашата земја останува на барање за дерогација на член 8 (Правото на приватност) и 11 (Слобода на собирање и здружување) од ЕКЧП, член 2 од Протоколот (Право на образование) и член 2 од Протоколот 4 (Слобода на движење).

Европскиот суд за човекови права може да ги прифати отстапувањата за да оправда некои исклучоци од членовите на Конвенцијата, но никогаш не може да оправда мерки и постапувања на државите што се во спротивност со главните барања на Конвенцијата за законитост и пропорционалност. Оттука произлегува дека секое отстапување мора да има јасна основа во домашното право за да се заштитиме од самоволие и арбитрарност и ограничувањето мора да биде строго неопходно за борба против вирусот во ваква вонредна состојба.

Сепак, и од дебатата која се разви помеѓу правните експерти по ова прашање, најважниот аспект е дека дерогацијата од некои права не ѝ дозволува на ниедна земја потписничка на Конвенцијата да ги ограничуваа правата на човекот и граѓанинот самоволно, дури и во вакви услови на пандемија.

Во услови на криза, линијата помеѓу неопходните мерки и злоупотребите од власта може да стане многу тенка и бледа, за да може и лесно да се поместува. Затоа, особено за земја како нашата во која веќе долг период тешко се воспоставува владеењето на правото, потребно е да бидеме внимателни за да не подвлекуваме линии одново и одново. 

  1. Кои се вашите планови за следниот период?

Овој период успеавме забрзано да реализираме некои од нашите планови. Пред две недели започнавме со онлајн обуки за нашите членови, за што, на наше задоволство, досега има огромен интерес. Веќе планираме контакти со истакнати правници од странство и доколку успееме да ги организираме нивните онлајн предавања за нашите колеги, ќе биде огромен успех за нас.

Сакаме да им понудиме на младите правници дополнителни можности и затоа објавивме повик за правнички текстови кои ќе бидат објавени во стручно списание, а избраните кандидати ќе добијат симболичен финансиски надомест. Целта на списанието е создавање професионален форум за објавување на стручни статии кој ќе послужи како медиум во кој правничкото мислење и визијата на младите правници во однос на клучни прашања поврзани со човековите права и владеење на правото ќе бидат артикулирани на кохерентен и методичен начин. Списанието ќе промовира дебата за тековните процеси во областа на правото, а воедно ќе поттикне идеи за понатамошно подобрување на нашиот правен систем на таков начин каде што ќе се обезбедат и гарантираат човековите права и владеењето на правото.

Како и сите други, се надеваме дека оваа ситуација ќе заврши што поскоро и ќе се вратиме повторно во редовниот начин на работа, но, истовремено забележуваме и дека оваа состојба поттикна еден друг вид на продуктивност, работиме и за викенд и навечер, споделуваме идеи и имаме по неколку состаноци на ден без да трошиме многу време на организација и договарање, така што со сигурност дел од позитивните работи што произлегоа во овој период ќе ги задржиме и во иднина.

  1. Како може човек да се подготви за вакви настани? Колку образованието може да биде од помош? Во таа смисла, кои знаења и вештини Вам Ви помогнаа во соочувањето со кризата?

 Јас имав среќа да учам од професори со големо меѓународно искуство и несомнено кога ќе се спомене зборот „криза”, прво на кое ќе сетам се предавањата на професорот David C. McGaffey за време на постдипломските студии на Универзитет Американ Колеџ Скопје. Го споменувам професорот пред сè како човек со огромно искуство, тој има повеќе од 25 години дипломатска службa и за време на Иранската револуција, додека бил дипломат во Амбасадата на САД, двапати успеал да се ослободи себеси и колегите од заложништво. Овој професор ми има оставено огромен впечаток како човек кој постојано трага по предизвици, а неговата приказна ме охрабрува да гледам на оваа криза како едно искуство кое ќе има големо влијание на мене и на моите колеги. Се обидувам позитивно да ја насочам креативноста кај мене и кај моите колеги на која можеби претходно не сме и посветувале доволно внимание.  Исто како што би направил и професорот McGaffey!

 


Видете следно

Демант од ФИТР: Целосно неточни и измислени се наводите дека ФИТР склучил договори во четири очи

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) најостро ги демантира наводите на политичката партија ВМРО …