Кумановскиот центар за култура ги очекува протоколите за работа


Надлежните од кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев” ги очекуваат протоколите од здравствените институции за да почнат со работа и да бидат отворени за јавноста, согласно мерките предвидени за работа на установите од областа на културата, информираа денеска одговорните од оваа установа.

Директорот на установата, Сашо Тодоровски вели дека штетите од повеќемесечното затворање се немерливи и од уметнички и од финансиски аспект.

– Што се однесува до финансиските загуби тие се големи за нас како установа. На пример во 2019 година во март, април и мај НУ Центар за култура и Театар Куманово имаа приход во просек од 150.000 до 200.000 илјади денари секој месец зависно од активностите, издавање на простор и пари од продажба на билети. Пари со кои ги покривавме тековните работи, авторските договори и набавки потребни за нормално функционирање во установата. Во моментов тие финансии ги немаме и затоа се наоѓаме во фаза на хибернација, а имаме дополнителни трошоци за набавка на дополнителни средства за дезинфекција кои мора да ги имаме според препораките кои ги добиваме, појаснува Тодоровски.
Установата под чии ингеренции е и театарот, пред почетокот на ширењето на коронавирусот продадоа и билети за неколку претстави. Оттаму најавија дека средствата ќе им бидат вратени на гледачите. Во центарот, функционираат неколку секции, драмска, танци, фолклор, кои генерираа околу 800 деца од Куманово.

За време на коронавирусот, кумановскиот театар прв почна со онлајн прикажување на театарски претстави.

– Ние сме тука, подготвени и очекуваме да почнеме. Во секој случај сите заедно се согласуваме дека на културата и е потребен жив контакт, комуникација, културата и уметноста само на тој начин имаат здив и дишат со полни гради. Очекуваме во периодот што следи да се намали ширењето на вирусот и да се дадат протоколи и препораки за функционирање, со што би почнале да работиме и да создаваме, се со цел да ја исполниме нашата примарна дејност, а тоа е да оствариме контакт со публиката која во Куманово со нетрпение го очекува секој настан од културата, рече Тодоровски.

Куманово, 22 јуни 2020 (МИА)


Видете следно

Видео на ТЕЛМА: Полицаец во Карпош 4 му удира шамар на момче

Видео во кое полицаец му удира шамар на момче испратија до редакцијата на Телма загрижени граѓани кои …