Лекарска комора: Доктори и здравствени работници да настапуваат во јавност со стручен пристап, со точни информации за Ковид-19 и научни доктрини, аргументирани и поткрепени со докази


Лекарската комора преку соопштение најостро реагира на тоа што во последно време сè почесто во средствата за јавно информирање се публикуваат написи, коментари, изјави и интервјуа на доктори чии ставови не се базирани на медицински докази или на лично искуство и директна работа со Ковид пациенти.

Со ова целосно, посочуваат од Лекарската комора, се девалвира трудот на докторите кои се вклучени во лекувањето на заболените со Ковид-19.

Индивидуалните, неаргументирани тврдења за Ковид-19 на доктори и здравствените работници населението може да ги сфати сериозно, а со употребата на термини како „грешки во лекување” се нанесува директна штета на угледот на целата лекарска фела и се создава страв и недоверба кај граѓаните во здравствениот систем и здравствените работници. Ваквите ставови можат да влијаат врз одлуката на пациентите да не побараат медицинска помош и со тоа директно да го загрозат своето здравје, но и да поттикнат вербални и физички напади врз здравствените работници, потенцираат од Лекарската комора.

Од Лекарската комора апелираат до докторите и здравствените работници кои настапуваат во јавност, тоа да го прават со сериозен и стручен пристап, со точни информации и научни доктрини, аргументирани и поткрепени со докази.

Докторите и здравствените работници не смеат да заборават дека нивната улога во справувањето со пандемијата е клучна, а секој поединец треба да даде придонес и поддршка на своите колеги кои работат со пациентите со Ковид -19. Голем број здравствени работници дури и доброволно се вклучија во борбата со Ковид -19 и сé уште се во жариштата на епидемијата во земјава, а борбата со вирусот и натаму ни претстои, до пронаоѓање на вакцина или лек, истакнуваат од Лекарската комора и се заблагодаруваат на ангажманот и пожртвуваноста на докторите и другите здравствени работници кои во време на глобална пандемија даваат придонес во лекувањето на болните од Ковид – 19.

Тие постојано се на првата линија на фронтот со вирусот, изложени на ризик по сопственото здравје, но и здравјето на своите најблиски. Дополнително, потсетуваме дека секој кој има сознанија дека во некоја здравствена установа не се постапува согласно протоколите за лекување, согласно етичките начела и доктрини, може да поднесе пријава до Лекарската комора, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и сите останати надлежни институции, стои во соопштението од Лекарската комора. рп/сп/

 

Скопје, 25 септември 2020 (МИА) 


Видете следно

Организирање на отстранување на отпадот е клучно за земјата

Во Македонија годишно се создаваат над 800.000 тони мешан отпад од кој на комунален отпад …