„ЛИРСКИОТ ДОМ НА АЦО ШОПОВ” НА ФИЛОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ПРИ УКИМ


Со настан по повод 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста” и 40 години од смртта на Ацо Шопов, утре ќе започне манифестацијата „Денови на македонската литература” во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје

Утре – 19 мај 2022 година, со почеток во 12 часот, во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје ќе се одржи настанот „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси”. Со овој настан ќе бидат одбележани два јубилеа – 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста” и 40 години од смртта на поетот Ацо Шопов, со што ќе започне литературната манифестација „Денови на македонската литература” во организација на Катедрата.


Акцентот на настанот ќе биде ставен на повеќејазичната веб-платформа „Лирскиот дом на Ацо Шопов” – отворен, интернетски ресурс преку којшто е достапен голем дел од творештвото на Шопов, голем фонд на документи и податоци, како и критички одгласи за неговата поезија и голем обем на видеоматеријали и фотодокументација. Целта на настанот е да придонесе за поголема достапност на платформата за книжевните истражувачи, лингвистите и преведувачите, како и за студентите и воопшто за македонската академска заедница во целина.

На настанот, поздравни обраќања ќе одржат деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, продеканката, проф. д-р Маја Бојаџиевска и раководителката на Катедрата за македонска книжевност и култура, проф. д-р Кристина Николовска. Реч за поетот Шопов и за веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов” ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следи и презентација на веб-платформата, којашто ќе ја оствари Јасмина Шопова, толкувач и препејувач, но и ќерка на поетот и носител на проектот за создавање на повеќејазичната веб-платформа.


Настанот ќе се одржи во виртуелен формат, преку платформата Зум и сите заинтересирани ќе можат да го проследат преку следнава врска:

https://us02web.zoom.us/j/82945121947?pwd=KLix_zDIj3fuTTskA-tNgxZ4sE4ids.1


Meeting ID: 829 4512 1947

Passcode: 647976

Ацо Шопов е еден од основоположниците на современата македонска поезија – автор и на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија („Песни”, 1944), но и автор којшто се вбројува во редот на најеминентите поети во Југоисточна Европа во XX век. Стихозбирката „Стихови за маката и радоста”, објавена пред точно 70 години е едно од неговите позначајни дела, едновремено многу значајно и за историјата на современата македонска книжевност – прва македонска поетска книга со исповеден тон, којашто ја поттикна големата книжевна конфронтација меѓу интимистите и реалистите во македонскиот книжевен простор.

Веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов” е одличен изворник на материјали за научноистражувачки и преведувачки потфати и се очекува настанот да придонесе за поголемо користење на овој отворен образовен и културен ресурс во натамошните осврнувања кон творештвото на Шопов во нашата културна средина, во пресрет на следната година, кога ќе се навршат сто години од раѓањето на овој знаменит македонски автор.

Координатор на проектната активност за претставување на веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов” во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а соработник во остварувањето на активноста е асс. м-р Иван Антоновски, којшто ќе биде и модератор на настанот.

Во рамките на литературната манифестација „Денови на македонската литература”, во виртуелен формат, на 25 мај 2022 година, со почеток во 10.30 часот ќе се одржи средба со писатели, а на 26 мај 2022 година, со почеток во 11 часот ќе се одржи поетско читање на млади македонски автори.


Видете следно

МОТ: Меѓусекторска соработка и инвестирање во сите региони за поголема успешност на мерката Гаранција за млади

На Меѓународниот ден на младите – 12 август, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги презентира …