ЛОШИТЕ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ ПРЕДИЗВИКАA ЕЛЕМЕНТАРНА КАТАСТРОФА КАЈ ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛОЗОВИТЕ НАСАДИ ВО ТИКВЕШКИОТ РЕГИОН


Стопанската комора на Македонија ги следи случувањата во лозарството и винарството во РС Македонија. Овие гранки се едни од најпогодените со кризата, но и со лошите временски услови. Винарниците се полни заради намалената продажба, додека состојбите со бербата 2020 не се ништо подобри. Имено, лозовите насади во Тиквешкиот регион се во лоша здравствена состојба, а кај голем дел од нив, на повеќе локации, констатирано е присуство на болеста ботритис, што негативно влијае на квалитетот на грозјето. Ова се наодите на истражувањето што по иницијатива на Стопанската комора на Македонија го направи Земјоделскиот институт од Скопје за состојбата на лозовите насади на неколку локации со винови насади во Тиквешкиот регион како најголем вински регион во земјата.

Истражувањето е спроведено на локалитетите: Рибарци, Манастирец, Краиште, Црвени Брегови, Дисан – Дуброво, Дисан- Салиев Брест, Дисан – Вешје, Сопот – Смолник, Сопот- Кошариште, Сопот – Курија, Ило Виларов, Белград, каде има лозови насади од сортите вранец и смедеревка.

Лошиот квалитет на грозјето на овие лозови насади во Тиквешкиот регион, во кој се сместени 45% од вкупната површина на лозови насади во земјава, според наодите од истражувањето на Земјоделскиот институт од Скопје, се должи на обилните дождови во вториот дел од вегетацијата, како и грешки во заштитата на лозовите насади. Во одредени локалитети е утврдено оштетување на зрната од над 90%, како резултат на големото присуство на вода.

Покрај овие неповолни состојби и присуство на болеста ботритис, стручните лица од Институтот кои ја вршеа анализата утврдија присуство на гроздов молец што дополнително негативно влијае на квалитетот на грозјето на овие локалитети.

Ваквата ситуација резултира со висок принос на грозје со намалена содржина на шеќер во гроздовиот сок кај двете сорти – вранец и смедеревка. Високата инфицираност на грозјето со ботритис доведува и до голема содржина на глукани и глуконска киселина која негативно влијае на квалитетот на виното доколку ова грозје се употреби во производство во ваква состојба, се наведува во заклучоците од анализата на состојбата на терен која ја спроведе Земјоделскиот институт.

Болеста ботритис е опасна и заразна и може да предизвика контаминација како на здравото грозје, така и на винарските визби ако примаат вакво болно грозје.

Во прилог на соопштението ви ја доставуваме и „Анализата за лозовите насади во тиквешкото виногорје, берба 2020“, направено од Земјоделскиот институт на барање на Групацијата за винарство при Стопанската комора на Македонија.


Видете следно

„Зошто се важни вашите пари?” – регионална кампања за родово-одговорно буџетирање

„UN Women” во Северна Македонија ја започна кампањата „Зошто се важни вашите пари?”, како дел …