Маестро Емил Табаков: Неодговорно е две национални установи да се мешаат во една зграда


По одлуката на Владата за основање нова национална установа Оркестар за џез музика и планот за нејзино времено сместување во зградата на Македонската филхармонија, свој став изнесе и маестро Емил Табаков од Бугарија, кој се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Табаков е чест гостин на концертите на симфонискиот оркестар на Филхармонија и долгогодишен пријател на нашата ценета музичка и културна институција.


„Се чувствувам како дел од македонската филхармонија, затоа што сум тука околу 30 години и непрестано секоја година имав концерт. Многу добро знам какви беа проблемите на оркестарот кога немаше сопствена сала и кога мораше да работи во Домот на АРМ. Во период од 30 години, јас сум сведок на историја и на голем раст и подобрување на оркестарот на филхармонија, кој навистина заслужува да има сопствена сала. Паметам какви проблеми имаше додека беше сместен во Домот на армијата, во периодот кога директор беше Маја Чанаќевиќ, која постојано мораше да оди во Министерството за култура да разговара за нова сала, која Македонската филхармонија сега конечно ја има. Кога се отвори новата зграда на Филхармонија, сите ние во Бугарија бевме среќни дека конечно музичарите ќе имаат нова сала, но и свој нов објект, со сите можности за оваа специфична работа. Новата симфониска, но и камерна сала им причинува задоволство на сите музичари од оркестарот и тоа беше голема придобивка не само за филхармонија, туку воопшто за Македонија”, вели Табаков.


Според него, владината одлука новоформираниот Национален џез-оркестар да се смести во зградата на Филхармонија е несоодветна и погрешна, бидејќи тоа ќе влијае негативно и на двете национални установи и ќе доведе до тоа двата оркестра да си пречат меѓу себе.

„Знаеме дека во последниот период во нашиот регион веќе никој не размислува за нови концертни сали, поради што ова претставува огромен успех за Македонија како држава. Новата сала на филхармонија е специфично прилагодена и замислена за потребите на симфонскиот оркестар и камерните состави. Мислам дека е крајно неодговорно и несоодветно да се мешаат две различни институции во една зграда и во една сала. Овој објект треба да го користи и со него да стопанисува и да се грижи само Филхармонија и на тој начин да се издигнува не само македонската филхармонија, туку и целата класична музика во Македонија. Сепак, навистина не оправдувам две различни институции и два специфични оркестри да функционираат и да се мешаат во иста сала и под ист покрив, бидејќи сметам дека ќе си пречат меѓусебно”, потенцира Табаков.


На прашањето каква е состојбата во Бугарија во поглед на функционирањето на Биг-бендовите и џез-оркестрите и дали станува збор за национални институции, маестро Емил Табаков истакнува: „Во Бугарија има еден државен Биг-бенд кој што е сместен во рамките на националното радио во Софија и функционира во студиото 1 на радиото. Колку што ми е познато, во сите држави ваквите џез оркестри се сместени во националните радија и телевизии и функционираат во склоп на нивните студија. Овој пример би требало да го следи и новиот Национален џез-оркестар на Македонија, кој би било пожелно да функционира во рамките на студијата на Македонската радио телевзија”, вели Табаков.