Македонија2025 објавува повик за стипендирање на десет талентирани студенти


Меѓународната невладина организација Македонија2025 го отвори повикот за прием на апликации во склоп на Фондот за поддршка на талентирани студенти за тековната 2019 година. По успешноста на минатогодишниот пилот-проект, Фондот обезбеди средства да помогне на талентирани млади од Македонија во периодот од 2019-2022, во износ од 60 илјади денари по стипендист за една година.

„Оваа програма ќе обезбеди финансиска и менторска поддршка на 10 талентирани студенти во текот на четиригодишен период, со цел да го стимулира нивниот професионален и личен развој. На повикот добредојдени се да аплицираат средношколци со просечен успех 5.00 односно студенти со просек над 9.00, кои имаат освоено награди и признанија при што предност ќе имаат оние кои доаѓаат од социјално ранливи семејства.“ – изјави Маја Сталеска, Координаторка на програмата во Македонија2025.

Еден од минатогодишните стипендисти на Фондот за поддршка на талентирани студенти – Давид Лазароски од Прилеп вели дека токму ваквиот тип на помош е она што им е потребно на младите во земјата. „Можам да кажам дека искуството ми го промени животот во позитивна насока и ми даде поттик да продолжам да работам кон реализирање на својот сон.“ истакна Лазароски. 

“Минатата година имавме чест да запознаеме прекрасни талентирани млади луѓе чиј прогрес и развој ги следевме во текот на целата година. Нѐ пленија со нивната искреност, желба и посветеност да успеат, со што дополнително овозможија овој Фонд да се формира и развие во четиригодишна програма за помош на многу други ученици/студенти на кои им е потребна поддршка од овој карактер.– додава Сталеска.

Крајниот рок за прием на апликациите е 20-ти март. Апликациите ќе ги разгледува комисија составена од истакнати членови и партнери на Македонија2025.

Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање можете да најдете на следниот ЛИНК.


Видете следно

Заврши меѓународна коференција за продлабочување на односите меѓу граѓаните од Дупница и Крива Паланка

Заврши четиридневната меѓународна конференција, која се спроведе во рамки на проектот „Споделени вредности – споделена …