МАКЕДОНСКИ ВИНАРИИ И ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ХРАНА НА „ПРОДЕКСПО 2019“ ВО МОСКВА


Македонија со национален штад се претставува на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2019“ што се отвори денеска и ќе трае до 15 февруари во Москва.Настапот на македонските компании е во организација на Македонска-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. На  овој исклучително значаен деловен настан од областа на производството и пласманот на стока за широка потрошувачка своите производи ги изложуваат   „Стоби“, „Далвина“, „Тиквеш“, „Бовин“, „Маестро“ и „Гобекс“.

– На националниот штанд на 65 квадратни метри руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и  другите деловни луѓе и бројните посетители, ќе можат да ќе се сретнат со врвни македонски вина и квалитетна храна од овдешните производители. Македонско-руската стопанска комора по десетти пат, а со државната поддршка по осми пат,  го организира презентирањето на македонската прехранбена  и индустријата на пијалаци, микс што  маркетиншки влијае на зголемување на пласманот македонските стоки на овој голем пазар, – вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.

Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2019“  на 100.000 квадратни метра ги изложуваат своите производи 2.442 компании од 69 држави од светот  со 29 национални штанда, меѓу кои е и македонскиот. Се очекува во наредните пет дена саемската манифестација да ја посетат преку 62.000 посетители од 100 држави и сите федерални области во Русија.Редовно, третина од посетителите се сопственици или генерални менаџери на компании, 35 отсто се комерцијални директори и 27 отсто се секторски менаџери (само 7 отсто се обични посетители), што зборува за фактот дека настапот на „Продекспо“ носи голема можност за пронаоѓање на нови деловни партнери.

Традиционално преку 120 транснационални, федерални и регионални компании успешно ги приведуваат кон крај преговорите за време на саемот и склучуваат договор со изложувачите.Огромен е бројот на договори склучени врз основа на деловните контакти што се воспоставуваат на штандовите во московскиот „Експо центар“.За време на саемските денови ќе се одржат и 28 тематски конференции, на кои свое учество ќе земат и македонските деловни луѓе и Македонско-руската стопанска комора.

-Од 2011 година започна и поинтензивниот пласман на македонското вино на големиот руски пазар.Најголеми извозници на вино на овој пазар во моментов се винариите „Стоби“ и „Далвина“, но и најголемата македонска винарија „Тиквеш“ се подготвува годинава на овој пазар да почне да пласира значајни количини од својот асортиман на врвни вини, закитени со многу интернационални награди. Очекуваме и македонските производители на сирење и конзервирани производи годинава значајно да ги зголемат пласманите на овој голем пазар,- истакнува  Дејан Бешлиев.

Саемската манифестација повеќе децении по ред се одржува под патронатот на Трговско-индустриската комора на Руската Федерација, со која Македонско-руската стопанска комора има воспоставено партнерски однос и со поддршка на државното Министерство за земјоделство и Управата на градот Москва.

Учеството на саемот,  македонските компании ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, но се очекуваат и бројни  деловни  средби  со претставници на рускатата комора и другите деловни асоцијации, како и со официјалните лица на руската администрација.

 


Видете следно

ИНФРАСТРУКТУРНО ПОДГОТВЕНИ ГРАДЕЖНИ ПАРЦЕЛИ ПРЕТСТАВЕНИ ПРЕД ПОТЕНЦИЈАЛНИ ИТ ИНВЕСТИТОРИ

Градежни парцели со намена Б4 – деловни простори во локалитетот АРМ, за првпат комплетно инфраструктурно …