Македонските каратисти ќе се борат за злато на Европската Универзијада во Полска


Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Глигор Петков и Димитар Илиевски го сочинуваат македонскиот тим што се пласира во финале на Европската Универзијада во Лоѓ, Полска. Во екипна конкуренција во борби, тие имаа три извонредни победи и утре ќе земат учество во финалните натпревари.

– Направивме одличен успех. Успеавме да влеземе во финале во најтешката дисциплина, борби-екипно во машка конкуренција. Тимот е составен од искусни каратисти, иако се студенти, сите се репрезентативци на Македонија кои ги бранеле боите на многу европски и светски првенства. Ова е второ финале во истата дисциплина на овој универзитетски тим. Тие на минатата универзијада пред три години во Загреб, беа финалисти и освоија сребро. Се надеваме дека на оваа ќе бидеме први и ќе го освоиме златниот медал – изјави Бошко Заборски, селектор на универзитетската репрезентација на Македонија.


На првиот натпреварувачки ден на Европската Универзијада машкиот универзитетски тим во првото коло ја совлада екипата на Унгарија со 3-0. Во второто коло екипата ја победи Украина со 3-1, додека во полуфиналето нашите каратисти беа подобри од Словачка, која што ја совладаа со резултат 3-0. Со овие три одлични победи екипата се пласира во утрешното финале и обезбеди најмалку сребрен медал.

Женскиот тим во дисциплината борби имаше една победа и еден пораз и беше елиминирана во понатамошните борби за медал. Денес, 29 јули, продолжуваат натпреварите во поединечна конкуренција во борби, каде што Македонија ја претставуваат десет каратисти. Нa Универзитетските игри во Лоѓ учествуваат 5.000 спортисти од 400 европски универзитети и 40 држави, кои се натпреваруваат во 20 спортови.



Видете следно

Променливо облачно со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно, а на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи …