Македонските мировници во мисиите на НАТО, ЕУ и ОН со единствена порака до министерката Шекеринска: одлично здравје, висок морал, доследни во извршувањето на задачите


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска преку видео – конференциска врска разговараше со припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, распоредени на три континенти во мисиите на НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации.

„Задоволство ми е што ве гледам сите здрави и живи. Во оваа година првенствено ви посакувам да ве служи здравјето, зашто кризата со пандемијата ни покажа дека тоа е бесценето. Ви благодарам што и во вакви услови и предизвици, вие најпрофесионално, најпосветено и најмотивирано ги извршувате вашите задачи, што покажува дека Северна Македонија останува сојузник од најголема доверба и во НАТО, но и во мисиите на ЕУ и Обединетите Нации”, рече министерката Шекеринска на средбата.  Додаде дека искуствата кои мировниците ги стекнуваат во мисиите ќе бидат од огромно значење за подготовките на Армијата дома, но и за нивните колеги во следните ротации.

Шекеринска порача дека токму оваа генерација на мировници ќе влезе во историјата како генерација која прва покажала која е нашата вредност, но не само како партнер, туку и како полноправен член на НАТО, како сојузник.

„Ова беше тешка година со многу предизвици поради пандемијата, но и година на најголеми успеси во одбраната. Нашето членство во НАТО ви дава можност да кажете дека сте првите мировници кои учествуваат во мисиите како еднакви со своите колеги од сојузничките земји. Покажувате дека на Армијата на Северна Македонија како сојузник во НАТО може да се смета”, рече министерката.

Министерката ги поздрави мировниците во Авганистан кои беа погодени од пандемијата, но се изборија со болеста без последици. Контингентот во КФОР чија бројност годинава ќе расте, покажува  дека можеме да придонесеме и за регионалната безбедност – рече таа, а до мировниците кои за прв пат не претставуваат на африканскиот континент во мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република, порача дека нивното искуство е драгоцено за да ја покажеме и засилиме улогата во мисиите на ЕУ. Продолжуваме да ги поддржуваме и напорите за траен мир и безбедност и во Либан, учествувајќи во мисијата УНИФИЛ на Обединетите Нации.

На видео-конференциската средба учествуваа припадници на македонските контингенти во мисиите на НАТО „Одлучна поддршка” во Авганистан и КФОР на Косово, мисиите на Европската Унија, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во Централноафриканската Република и мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ. Тие испратија единствена порака – дека моралот и здравјето се на високо ниво, дека задачите ги извршуваат доследно и имаат одлична соработка со своите колеги од сојузничките земји.

На видео – состанокот се обратија и заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин и командантот на Командата за операции, генералот Павле Арсоски кои изразија задоволство од резултатите на нашите мировници.


Видете следно

СДСМ: Субвенции за сончеви колектори, за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за печки на пелети

Силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина и засилен ангажман во акцијата за чиста …