Breaking News

Македонските премиум производи немаат проблем со пласманот


Македонските премиум производи имаат врвен квалитет, немаат проблем со пласманот и се нешто со кое навистина треба да се гордееме. Но, ако тие се спакувани соодветно, со етикети и доколку имаат сериозен маркетинг, ќе добијат подобри цени на светските маркети, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.


Пред средбата со малите производители на храна, членови на „Алијанса Премиум“, Николовски апелира Собранието поскоро да ги ратификува договорите за пласман со Украина, Јордан и многу други земји кои се склучени минатата година. Во следните неколку месеци, тој го очекува, како што напомена, и договорот за обезбедување пласман и слободна трговија со Турција.


-Ако од домашните јаболка правиме што повеќе преработки, сокови и финални продукти, немаме да имаме проблем со пласманот на јаболкото. Исто е и со грозјето. Лозарите се се позаинтересирани како да станат мали производители, да произведуваат премиум вино. Со програмите за поддршка што ги креиравме, на некој начин го решаваме и пласманот, но остануваме сериозно посветени да склучиме и што повеќе договори, истакна Николовски.

Министерот информира дека Владата на вчерашната седница ја донесе Програмата за финансирање микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалоци за 2023 година. Со Програмата ќе се реализираат активности за поддршка на субјекти регистрирани како производители на вино и како земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци или мали дестилерии.


-Станува збор за доделување неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема и основни средства и услуги, а корисници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство кои се регистрирани како производители на вино со максимален капацитет на производство до 50 000 литри годишно или земјоделски стопанства или земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и кои се регистрирани во Електронскиот регистар во Царинската управа како земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи, или регистрирани во Електронскиот регистар во Царинската управа како мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии, согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи, рече Николовски.

Според Александар Димитриевски од „Алијанса Премиум“, државната поддршка е многу важна за да не дојде до поскапување на производите, но и за да се задржи квалитетот.


-Државната поддршка за маркетинг, пласман и логистика на нашите премиум производи ни значи многу за да ја задржиме цената, односно да не дојде до нејзино енормно зголемување. Ние сме увозно ориентирана земја, доаѓаат поскапа амбалажа и поскапи етикети со што варира и цената од лани до сега. Затоа, државната поддршка ќе ни овозможи да бидеме во компаративна предност, да не ги покачиме цените на сталажите, да останат исти и квалитетот да се задржи. Поддршката е воедно и апел до оние што продаваат „од праг“, да се приклучат на „Премиум алијансата“ за да допрат до одредени грантови и групни промоции за полесна продажба, рече Димитриевски.

„Алијанса Премиум“ засаега претставува повеќе од 80 производи. мч/бак/