Breaking News

Македонско-полска конференција во Катовице, се чествуваат 35 години постоење на Лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет


Триесетина истакнати полски и македонски филолози истражувачи денеска и утре ќе учествуваат на 11. Македонско-полска конференција која ќе се одржи на Шлезискиот универзитет во Катовице.


Се чествуваат триесет и пет години непрекината работа на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец.


Како што соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св.

Кирил и Методиј“ во Скопје  (МСМЈЛК при УКИМ), на конференцијата ќе учествуваат речиси сите знаменити полски македонисти кои изминативе години се вложуваат во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Полска.


Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф.

д-р Весна Мојсова-Чепишевска, изјави дека особено ја радува што на конференцијата ќе учествуваат млади полски македонисти во кои, како што вели, „вложувавме и преку нашите школи и актуелни студенти на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика при Шлезискиот универзитет“.


-Нивното учество и потврдува дека ’македонистиката во Полска нема само традиција, туку има и иднина’ не е фраза, туку факт и стварност.

Ама во исто време е и уште една потврда на остварувањето на заемната определба со колегите од Полска која минатата година ја преточивме во решеност за проекти кои ќе се влог и во перспективите на наследниците на полските професори македонисти – идните културни амбасадори на нашата земја во полската академска и културна средина.


Ова и дополнително обврзува да останеме доследни на оваа определба како долгорочна цел, и тоа не само ние, туку и тие кои по нас ќе продолжат да ја развиваат соработката, нагласува Мојсова-Чепишевска која е меѓу македонистите учесници на конференцијата.

 Конференцијата е под покровителство на амбасадорот, д-р Илија Псалтиров, економски советник на нашата држава задолжен за Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, и се организира со поддршка од градоначалникот на Катовице, Марќин Крупа.

Најавено е нивно обраќањсе на отворањето на  настанот, кој се случува во годината кога се навршуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу нашата држава и Полска.

На отворањето ќе присуствуваат и високи претставници на ректоратот на Шлезискиот универзитет и на Факултетот за хуманистика во Сосновјец.

По повод 35 години Лекторат по македонски јазик во Сосновјец, актуелниот лектор Никола Илиевски и студентите на Лекторатот на конференцијата ќе имаат посебен програмски дел кој во целост ќе биде посветен на Скопје, по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес.

 Како што соопшти МСМЈЛК при УКИМ, покрај конференцијата, во Катовице деновиве ќе бидат остварени и работни состаноци на кои, меѓу другото, ќе се рззговара и за натамошното развивање на македонистиката во Полска.

хс/са/ Фото: МСМЈЛК при УКИМ .

Извор: МИА