Макстил – двигателот на челичната индустрија во земјава одбележува 25 години постоење


Металната индустрија со релативно учество од околу 17% во вкупниот извоз се вбројува во еден од  најголемите извозници во земјава, а значителен удел во тоа има Макстил, лидерот во македонската челична индустрија, којшто оваа година бележи 25 години работа и 55 годишен јубилеј откако во истите овие производни погони отпочна производството на македонскиот челик. За овој период од четврт век постоење, Макстил се истакна во многу сегменти коишто влијаат врз домашната економија. Извозот којшто директно придонесува за вредноста на БДП, поттикнувањето на националната економија, бројот на вработени, еколошки, производни и безбедносни стандарди, како и циркуларна економија се само некои од факторите кои придонесоа Макстил да биде еден од најзначајните индустриски капацитети во земјава.


И додека челичните слабови и лимови произведени од Макстил се дел од пловни објекти, од челични конструкции во градежништвото, од мостови во патната инфраструктура и од ветерници низ целиот свет, компанијата континуирано продолжува со работа и низ кризните периоди и надминува сопствени рекорди во производството. Само минатата година биле произведени 314 илјади тони слабови и 273 илјади тони лимови. И, како што велат во Макстил, тоа не претставува целосно искористување на производниот капацитет, којшто изнесува 550 илјади тони слабови и 350 илјади тони топловалани дебели лимови. Од вкупното производство, коешто скоро целосно оди за извоз, дури 61% се пласира на ЕУ пазарите, втор, исто така значаен пазар е Турција со 21% од производите, 11% од челикот на Макстил оди во другите европски земји, а повремено како купувачи се јавуваат и САД и Канада, додека пак на домашниот одн. регионалниот пазар завршува само 7 отсто на произведените количини.

Во изминатите неколку години, коишто општо во економијата беа означени како кризни, Макстил со континуирана инвестициска програма покажа дека инвестициите во работата во какви било услови и периоди се потребни и продуктивни. Инвестициите кои ги реализира Максстил во изминатите пет години беа во висина од 25 мил. еур, и обезбедија континуитет, унапредување и осовременување на производните и технолошките процеси преку замена на застарените технологии со нови, со што се постигна зголемување на инсталираниот капацитет, унапредување на стандардите за работа и животна средина како и зголемување на безбедноста при работа за сите вработени.


Во сите овие процеси и турбулентни времиња, исклучиво значајна за Макстил е поддршката од најголемиот светски трговец со челик,ДИТХ, која се состои најмногу во знаење, експертска помош, како и пристап до најголемите светски пазари.

Заштитата на животната околина во поширок контекст за Макстил е неизоставен дел од развојната стратегија, така што освен тоа што како главен производен инпут го користи рециклираното старо железо, без дополнителна употреба на природни ресурси, компанијата уште и она малку отпад што останува од производствениот процес во форма на троска го пренаменува во материјал за градба на патишта и автопати со што се потврдува заложбата за “zero waste” од производството и намалување на емисиите на јаглерод диоксид СО2.


Макстил оваа година ја одбележува и со промена во раководството со доаѓањето на Марија Дуковска-Павловска на позицијата генерална директорка, како единствена дама во тешката индустрија пред која се поставени предизвици за надминување на веќе постигнатото. Несомнено голем предизвик, но исто толку е голема и најавената инвестициска програма за тековната година, со одобрени нови 6,7 милиони евра, додека на среден рок планираните инвестиции се во износ од речиси 20 милиони евра.

Паралелно, во локални рамки, Макстил изминативе години воспостави една континуирана општествена одговорност кон заедницата, која ја реализира преку поддршка и донации во образованието, спортот, културата, социјално загрозени семејства, а најмногу во јавното здравство и тоа со највредната еднократна донација во здравството воопшто во нашата земја, во износ од 260.000 евра за целосно реновирање на Одделот за онкологија при ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести. Покрај тоа, Макстил како покровител на оваа Kлиника, во последниве две години реализира и други вредни донации во опрема и во реновирање на Одделот за неонатологија, Клиниката за кардиологија и општите болници низ земјата. А според она што го најавија од  Макстил, компанијата останува и понатаму посветена на враќање во заедницата со тоа што буџетот за овие активности, за оваа година е веќе одобрен и реализацијата на предложените проекти е во тек.


Видете следно

South Side Cocktail Bar – првиот крипто бар во Македонија

South Side Cocktail Bar е прв и единствен крипто коктел бар во Македонија, сместен во …