Меѓународион филмски фестивал „Киненова“ Скопје оваа година не ја доби поддршката од агенцијата за филм и Град Скопје


Меѓународион филмски фестивал „Киненова“ Скопје оваа година не ја доби поддршката од агенцијата за филм и Град Скопје. Од фестивалот во врска одлуката соопштија:

„Со жалење констатираме и ја известуваме јавноста дека  цензурата во Македонија продолжува во жестока форма да ја гуши културата и уметноста.
Имено, Агенцијата за филм и Град Скопје, одлучија оваа година да ја укинат поддршката за Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ Скопје, со што очигледно сакаат да го погазат и неправедно и тенденциозно да го девалвираат трудот на голем број филмски професионалци од земјата и од странство кои стојат зад истиот.
Укинувањето на финансиите на МФФ Киненова за 2019 година следуваат по силните притисоци и официјалниот обид за цензура кои ги вршеа Министерството за култура и Агенцијата за филм врз јавноста и организацијата на фестивалот, заради цврстата одлука која ја донесе Управниот одбор на фестивалот да го прикаже деби филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи на отворањето на изданието во 2018.
Ова ни дава за право да се сомневаме дека домашните институции, особено Агенцијата за филм и Министерството за култура како најповикани сакаат да ја спречат Киненова како независна институција која има свој слободно изграден став и одлучува самосвојно, врз основа на високо изградените филмски критериуми во однос на филмската уметност. Следствено сметаме дека се работи за систематски и смислен институционален бојкот на фестивалот и укинивање на слободата на уметничко изразување и искажување на слободен уметнички и ангажиран став.
Истите тие треба да се свесни дека тоа се сепак пари од, граѓаните, даночните обврзници, и истите треба да се поделат рамноправно, според квалитетот на понуденото, а не по принципот дали некому му се допаѓаме или не. „Киненова“ е нова ѕвезда на македонското фестивалско небо, со нов, оригинален концепт кој ги надминува застарените концепции на останатите слични фестивалски содржини од ваков тип, и токму затоа сметаме дека истиот требаше и мораше институционално да биде поддржан и оваа година!

Ова го поткрепуваме со штурото објаснување дека „проектот Киненова Скопје е одбиен заради тоа што не ги исполнил очекувањата како програмски, така и организациски.“
Како потсетување, на „Киненова“ за време на минатите три изданија гости беа едни од најзначајните европски автоски имиња како и големи актерски ѕвезди од регионот како Жарко Лаушевиќ, Мира Фурлан, Аница Добра кои фестивалот ги закити со признанија. Како предавачи беа и дел од стручните жирија беа врвни сценаристи и режисери, добитници на највисоки признанија во светот на филмот.
На минатогодишното издание ја имаше најбогатата програма досега, со вкупно 72 прикажани филмови од најновата светска филмска продукција. Речиси сите програми на фестивалот беа оригинални, неприсутни на ниту еден друг фестивал во Македонија. Пример се програмите: „Бергман како дебитант“ – проект кој беше дел од прославата организирана од страна на Шведската влада по повод одбележувањето на големиот јубилеј „100 години од раѓањето на големиот шведски филмски режисер Ингмар Бергман“ и во склоп на која беа прикажани филмови на Бергман за прв пат во Македонија; потоа, програмата „Балканската аудио – визуелна уметност како важно европско културно наследство“,  програма директно поддржана од Европската Унија, и многу други. Сакаме да информираме и дека 95% од фестивалската програма минатата година, а и за сите останати изданија на Киненова, е составена од филмови кои за првпат се прикажуваат во Македонија и не се постари од 20 месеци. Што е дел и од фестивалската регулатива. Дополнително сакаме да информираме за каков квалитет на фестивал се работи со податокот дека фествалот до сега е поддржан од бројни странски институции како: десетици амбасади и неколку големи светски фондови и фондации. Фестивалот за прв пат во земјата ги претстави: современата грчка кинематографија, потоа, современата венецуелска кинематографија, соверемената норвешка кинематографија, и многу други слични проекти и програми .
Како додадена вредност на фестивалот се и активностите за подигнување на нивото на општествена одговорност преку кои фестивалот директно им помага на ранливите групи на граѓани, а минатата година конкретно на децата со посебни потреби преку работилницата за анимација. Фестивалот додаде вредност и во образовниот процес преку организирање на професионална филмска работилница за развој на сценарија под ментосртво на скрипт доктор од странство, за млади македонски сценаристи и со тоа секоја година дирекно придонесува во подигнување на филмската култура во земјата.
А дека се работи за тенденциозено и субјективно однесување и евалуирање на проектите говори и фактот дека, иако критериумите на конкурсот се: ставање на македонската кинематографија во меѓународен контекст, промовирање на филмската култура во земјата, европската димензија на програмите, реномето на фестивалот итн, тие очигледно не се земени предвид во случајот на Киненова бидејќи фестивалот комплетно ги исполнува и дури и надминува истите, но бодувањето за овие критериуми е минимално. Од друга страна, ќе наведеме дека овие две години поддржани се настани кои биле непостеоечки или кои за прв пат конкурираат, а за споредба, Киненова со три меѓународни и програмски квалитетни последователни изданија, не е поддржан!
Потоа, поддржувани се, па дури и наголемена е поддршката за фестивали кои немаат вистинска филмска профилација или не се професионални настани, туку се бават со други области користејќи го филмот само како посредна област, а повеќето од истите не прикажуваат филмови ниту на минимум технички стандарди за прикажување, за разлика од фестивалот Киненова, каде 95% од проекциите се со највисоки ДСП стандарди за прикажување на филмови. И уште сакаме да ја информираме јавноста дека најголем дел од средствата со кои фестивалот е подигнат и е стигнат до ова ниво се лични влогови на основачите или од странски фондови, а фестивалот е искрен подарок за филмските работници и целата публика и јавност во Македонија, кои силно го поддржаа и препознаа оригиналниот концепт кој го нудиме, глорификација на првите и вторите остварувања на филмаџиите ширум светот, новите сили во филмската уметност.
И на крајот, ја информираме публиката, вистинските филмски љубители и познавачи дека без разлика на се, нема да дозволиме да бидеме спречени и ќе реагираме соодветно со жалба до Агенцијата за филм“, соопштуваат од КИНЕНОВА.

Да потсетиме дека и град Скопје оваа година на последниот конкурс од Културата, не додели никакви финансиски средства и на други високо културни проекти потребни за градот, како што беше случајот со фестивалот UNDERFEST 2019.


Видете следно

Општина Кисела Вода Ве поканува на “Културно лето Општина Кисела Вода 2019”

Утревечер, 17.08.2019год. (сабота), со почеток во 20 часот, Општина Кисела Вода Ве поканува да бидете …