Меѓуопштинска работна средба во Кочани на МОН за проектот „Учи паметно, работи стручно“


Министерството за образование и наука денеска во Кочани организираше работна средба во рамки на социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“ за креирање на уписната политика за наредната учебна година и за унапредување на средното стручно образование.

На средбата присуствуваа претставници на надлежни институции од образованието во општините Кочани и Виница, градоначалниците и стручните служби во двете локални самоуправи, како и од бизнис секторот и од средните стручни училишта во кои од минатата година почна примената на новото дуално образование.


-Наша цел е да ја согледаме потребата од профили и струки што му недостигаат на стопанството во овој регион и да преземеме конкретни активности за нивно оформување во дуални паралелки. Тоа ќе резултира со креирање уписни политики уште од идната учебна 2022-2023 година. Овој дијалог е од исклучителна важност, не само за учениците, компаниите и локалните самоуправи, туку и за целокупниот развој на државата, затоа што со него ја обезбедуваме потребната работна сила што е дефицитарна. Како резултат на овие активности, минатата година отворивме вкупно 97 дуални паралелки во кои се запишаа 1400 ученици, а претходно беа само 11 парлелки. Исто така, за да ги поттикнеме младите да се запишуват во стручно образование, ги променивме политиките за стипендирање од тековната учебна година, со што секој запишан ученик во дуална паралелка добива месечна стипендија од 3500 денари, истакна Анета Трпевска, државен секретар во Министерството за образование и наука.

Воведувањето на дуалното образование во средните училишта во Кочани уште од оваа учебна година ги дало првите позитивни ефекти. Во СОУ „Љупчо Сантов“ се отворени три нови стручни образовни профили на кои се запишале 136 ученици, а во СОУ „Гошо Викентиев“ е обезбедено стручно образование за вкупно 314 ученици. Во СОУ „Ванчо Прке“ во Виница пак, покрај постојните насоки отворени се уште две, со вкупно 109 ученици.


На средбата на која присуствува и претставници од Агенцијата за вработување од Кочани, беше нагласено дека од интерната анализа на пазарот на труд се согледани потребите од нови образовни профили во графичката струка, како и од аргон-заварувачи и CNC-оператори. та/мд/

Кочани, 22 февруари 2022 (МИА)



Видете следно

163 санкционирани возачи во Скопје, 72 за брзо возење

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (24.09.2022) продолжи со засилените акциски контроли …