Министерката Шекеринска во Брисел на средби со Могерини и Хан: Македонија треба да биде наградена со почеток на преговори


Денеска, на вториот ден од работната посета на Брисел заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, имаа средби со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и со комесарот за добрососедска политика и проширување, Јоханес Хан. На средбите стана збор за актуелните случувања во Македонија и во регионот.

Министрите ја информираа европската двојка за успешното одвивање на собранискиот процес за уставните измени, како и за фазите кои се во тек и за фазите кои претстојат до исполнувањето на преостанатите критериуми за полноправно членство на Македонија во НАТО, и почеток на преговори со ЕУ. Притоа заеднички беше заклучено дека Македонија се движи во позитивен правец, ги исполнува зададените критериуми, и дека ЕУ и НАТО треба да ги признаат напорите и постигнатите резултати и да и овозможат на земјата да премине на следните чекори во евроатлантските интеграции.

Шекеринска притоа и предаде писмо на високата претставничка Могерини за соработка на Министерството за одбрана и ЕУ во справувањето со хибридните закани. Во писмото се истакнува дека нашата земја веќе има покренато национални анализи за откривањето на изворите на ризици и потенцијалната изложеност на такви закани и дека ги поддржува сите координирани активности на ЕУ на тој план.

Претходно заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на 11-тата годишна конференција организирана од германската Фондација за наука и политика на која беше даден осврт на надворешната и безбедносната политика на ЕУ во изминатата година и интегрирањето на земјите од регионов. На конференцијата Шекеринска ги пренесе очекувањата на Македонија во поглед на проширувањето на ЕУ.



Видете следно

На денешен ден Колумбо стигнал во Гуанахани, откривајќи ја на тој начин Америка

Кристофер Колумбо бил италијански морепловец и адмирал од Џенова, Италија, чии четири трансатлантски патувања во …