Министерот Бектеши: Рударството да биде согласно начелата за одржлив развој и заштита на животната средина


Министерот за економија Крешник Бектеши вчера учествуваше на Трилатералниот дијалог за одржливо рударство според канадските стандарди, во организација на Амбасадата на Канада, Стопанската комора на Македонија и Македонската асоцијација за рударство, кој се одржа во Стопанската комора на Македонија.

Министерот Бектеши, поздравувајќи ја размената на искуства во начинот на регулирањето на една област како клучна за напредокот, економскиот и социјалниот развој, како и за унапредување на односите помеѓу Македонија и Канада, истакна: „Целта на нашата национална политика во оваа област е да се обезбеди оптимална искористеност на минералните суровини при вршење на геолошките истражувања, експлоатацијата и нивната преработка, во согласност со начелата на одржлив развој и заштита на животната средина, како и да упати на примена на мерки со кои се спречува или намалува до најмала можна мерка штетното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето кое може да настане како последица од управувањето со отпадот што се создава“.

Тој информираше дека во тек е унапредување на законската реулатива, но и подзаконски акти од областа на геологијата и рударството, а долгорочно најави надградба на техничките нормативи и стандардите во оваа област, како и можност за воведување на нов вид на концесии за експлоатација, односно искористување на петротермалната енергија од подземни жешки карпи, за што има голем потенцијал во Македонија.

„Република Македонија е секогаш отворена за нови инвестиции во секоја индустриска гранка, посебно во областа на геологијата и рударството. Притоа, секогаш ќе се грижиме за рационално и одржливо експлоатирање на рудните богатства од страна на инвеститорите, преку користење на најсовремените технологии, истовремено максимално грижејќи се за животната средина и за здравјето на околното население“, порача Бектеши на конференцијата.

Амбасадорката на Канада во Србија задолжена за Македонија Кати Чаба упати поддршка за Република Македонија од Владата на Канада, за напорите во реформските процеси и посветеност во зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји, преку трговија и инвестиции.

„Македонија е среќна што има пристап до минерални суровини, чие мудро користење може да го зголеми стандардот на живеење на сите Македонци. Силно верувам дека одговорното рударство може да одигра важна улога во одржливиот економски раст и општествениот развој на Македонија“, истакна Н.Е.Чаба, додавајќи дека Канада има одлична репутација како бизнис лидер во користење на напредна рударска технологија и иновативен пристап во развојот и управувањето со рудниците, па канадските рударски компании можат да ги промовираат канадските вредности, во нивното работење надвор од Канада.

Според амбасадорката, може да се очекува прилив на канадски инвестиции во рударскиот сектор, а во корелација со македонското рударство, таа подвлече: „Нашите рударски компании можат да одиграат водечка улога демонстрирајќи високи стандарди, примена на одговорни практики за заштита на животната средина и општствена заштита и транспарентна комуникација во нивните проекти во Македонија“.

Претседателот на МАР, при СКМ, Николајчо Николов, рече дека очекува експертите од Канада да презентираат свои искуства во ситуација кога Македонија се наоѓа во една специфична, како што оцени „збунета ситуација“ во рударскиот сектор.

„Имаме разни движења против рударскиот сектор, така што имаме реален застој во овој сектор. Пративме прилично негативни пораки до инвеститорите кои треба да дојдат во Македонија и со вакви настани треба да се разјасни ситуацијата, да видиме како да направиме и кој е најправилниот пат кој треба да го заземеме за да се избориме за подобра иднина на жителите“, рече Николов.

Според Николов, Канада е една од најразвиените во рударскиот сектор и има разработено и методи и методологии за истражување и преработка на разни руди.

Видете следно

Трамп го загрозува целиот свет со повеќе царински давачки

Доналд Трамп се закани со дополнителни мерки во трговските земји кои не се ослободуваат од …