Министерот за култура Исмаили го отвори научниот симпозиум „Рударство и археологија“


Министерот за култура Хусни Исмаили, синоќа во Штип се обрати на отворањето на меѓународниот научен симпозиум „Рударство и археологија“, чиј домаќин  е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип.

Во присуство на бројни гости, министерот за култура Исмаили истакна дека одржувањето на овој настан со мошне специфична тема е од особено значење за развој на археолошката научна мисла во нашата земја, но и размената на меѓународни искуства од ова поле, особено ако се земе предвид фактот дека овој симпозиум е прв од овој вид кој ги поврзува сознанијата меѓу археологијата и рударството како важна економска гранка.

„Убеден сум дека домашните археолози и другите стручни лица во деновите што следуваат ќе имаат извонредна можност да разменат нови сознанија, да стекнат нови искуства од своите колеги од регионот, но и од Европа, кои со децении работат на истражување и поврзување на научните податоци од археологијата со рударството и металургијата“, рече министерот за култура Исмаили.

Во рамките на научниот симпозиум беше отворена и изложбата „Боров дол 2011-2018“, која претставува резултат од досегашните истражувања на Заводот за заштита на спомениците и музеј Штип на археолошките локалитети во овој регион во изминатиот период, изведени за потребите на рудникот за бакар и злато „Бучим“ од Радовиш.

Меѓународен симпозиум од областа на археологијата на тема: „Рударство и археологија“ се одржува од 12 до 15 септември, а присутни се археолози и други стручни лица од Република Северна Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Австрија, Германија, Велика Британија.


Видете следно

Владина делегација положи цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски пред Народната и универзитетска библиотека во Скопје, по повод празникот – 8 декември

Делегација на Владата на Република Северна Македонија денес положи свежо цвеќе на споменикот на Св. …