Министерот за култура Исмаили оствари средба со бугарскиот амбасадор во нашата земја, Ангел Ангелов


Министерот за култура Хусни Исмаили денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов. Соговорниците констатираа дека културните врски меѓу двете соседни земји имаат традиционален карактер и се регулирани со Спогодбата за културна соработка меѓу Владите на двете земји од мај 2000 година и со програмите меѓу Министерствата за култура кои се потпишуваат на три години. Беше истакнато дека потпишувањето на новата програма, која го опфаќа периодот до 2021 година, ќе даде нов импулс во продлабочувањето на културните врски меѓу двете држави.

Инаку, културната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија се одвива во сите дејности од културата: во музичко-сценската со размена на музички групи и фолклорни ансамбли; во театарската дејност со реципрочно гостување на театрите; во издавачката дејност со преводи на дела од македонски и од бугарски автори, како и со презентација на македонското литературно творештво на саемите на книгата во Скопје и во Софија.

Бугарските уметници редовно се претставуваат пред македонската публика со настапи на традиционалните меѓународни манифестации, како: Охридско лето,  Струшки вечери на поезијатa, Балкански фолклорен фестивал, Мајски оперски вечери, Меѓународен студентски фолклорен фестивал во Скопје и др. За одбележување е соработката на Македонскиот народен театар со бугарскиот режисер Александар Морфов, а секоја година бугарски поети учествуваат и на манифестацијата Струшки вечери на поезијата.

На средбата беше истакнато дека во рамките на Конкурсот за финансирање  преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност   на други јазици, поддржани се над 20  преводи од македонски на бугарски  јазик на дела од повеќе автори, меѓу кои: Киро Донев, Анте Поповски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Душко Родев, Гоце Смилевски, Влада Урошевиќ и други.

Во изминатите години беше забележително учеството на бугарските ликовни уметници со самостојни и групни презентации на ликовните манифестации и колонии кои се организираат кај нас, како и реципрочните претставувања на македонските репродуктивни уметници. Двете земји досега имаат воспоставено одлична соработка  и во областа на филмот, во делот на копродукции на филмови преку принципот на реципроцитет.

На средбата беше нагласено и дека постои одлична соработка и на мултилатерален план, односно дека двете земји членуваат во Меѓународната фондација „Форум на словенските култури”, во Советот на министри од Југоисточна Европа, а реализираат и заеднички проекти во рамките на соработката со УНЕСКО.



Видете следно

Пендаровски: Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно – ќе успееме!

Обраќање до јавноста на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски Почитувани граѓани, Ви се обраќам …