Министерството за економија го подготви првиот Предлог-закон за ЈПП во земјава (ДПЛ)


Министерството за економија со помош на експерти од Светска банка го подготви првиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство (ЈПП) во земјава, чија главна цел е да се зајакне улогата и надлежностите на Министерството како силен надзорен субјект, во реализацијата на ЈПП проектите во текот на целиот нивен процес, почнувајќи од самиот почеток па се до истекот на договорите за ЈПП, информира ресорниот министер Крешник Бектеши.

-При подготовка на оваа регулатива во изминатиот период како надлежно министерство бевме во постојана комуникација со стопанските комори и со бизнис заедницата со цел да имаме правна рамка која ќе биде во интерес на сите засегнати страни, да се дефинираат и разјаснат проблемите со кои се соочуваа досега кај ЈПП, за да се подобрат можностите за користење на приватниот сектор за навремена испорака на поефикасни и поквалитетни јавни услуги, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и шефот на канцеларијата на Светска банка во земјава Масимилијано Палоучи.

Предлог- законот, изработен со Светска банка и со поддршка на Британската амбасада  во рамки на проектот „Зајакнување на правната рамка и политика на ЈПП и концесии во Република Северна Македонија” започнат во јули 2019 година, додаде, го испративме до сите инволвирани страни со цел во наредниот период целосно да се усогласи со најдобрите светски стандарди и со меѓународната практика за ЈПП.

-Новиот закон за ЈПП има за цел да придонесе за социо-економскиот развој преку поттикнување на конкурентноста, инвестициите, трговијата и технолошките иновации. Новите инвестиции во инфраструктурата ќе обезбедат подобри работни места, ќе го зголемат пристапот до пазарот на труд и ќе обезбедат подобри услуги во клучните сектори како што се вода, енергија, здравје и образование, потенцира Бектеши.

Нагласи дека Министерството заедно со ИТ експерти од Светска банка, паралелно со законот работеше и во креирањето на единствен систем/софтвер за Министерството за економија каде што ќе се водат сите склучени ЈПП договори во РСМ, како единствено складиште на сите ЈПП и како единствен електронски запис за сите договори и централен извор на информации за доделените договори.

-Регистарот ќе собира и евидентира информации од договорите за ЈПП и сродните документи, и ќе им обезбеди пристап до податоците на сите донатори за следење на проектите од самиот почеток, па се до склучувањето на договорот, како и неговото спроведување до крај. Оттаму, регистарот на ЈПП ќе се користи и за целите на надзор на уредното плаќање на надоместоци за ЈПП и реализација на обврските на партнерите во врска со спроведувањето на договорите, рече Бектеши.

Шефот на канцеларијата на Светска банка Палоучи во онлајн обраќање рече дека ЈПП игра конструктивна улога во развојот на една земја и може да ги подобри квалитетот и ефикасноста на трошоците на јавните услуги. Потенцира дека клучните земји во ЕУ имаат добри примери за користење на ЈПП и концесиите.

-Според Светска банка само во 2019 година инвестициите преку ЈПП на глобано ниво достигаа 96,7 милијарди евра преку 419 проекти во 62 земји во светот. ЈПП многу ретко преставуваат повеќе од 10 проценти од владините инвестиции на годишно ниво и тие се само дополнување на традиционалните јавни инвестиции, рече Палоучи.

Три работи, потенцира, се потребни за усешна имплементација на ЈПП – прво политичка волја, второ јавниот сектор да има капацитет да развие проекти од кои ќе има заемна корист со приватниот сектор, и трето да има транспарентност за употребата и спроведувањето на ЈПП.

Британската амбасадорка Галовеј посочи дека нејзината земја има големо искуство за партнерство на Владата и приватниот сектор во доставување услуги на народот кое, како што кажа, е подготвена да го сподели со земјава.

-Ни преставува задоволство да ја поддржиме Владата во идентификување и примена на моделот на ЈПП кој одговора на потребите на С Македонија и нејзината економија. Искуството и советите на Светската банка кои ги содржат најдобрите светски практики ќе обезбедат оптимален модел на ЈПП за земјата, рече Галовеј.

ЈПП, посочи, значи ризик, но многу од овие проекти се успешни насекаде во светот, иако има и некои со големи пропусти. Затоа треба да се постават обвски за јавниот и приватниот сектор кои треба да ја подобрат ефективноста на ваквите проекти.

Во одоговр на прашање министерот Бектеши рече треба да се најдат современи модели, меѓу кои и за ЈПП за сите АД и ЈП во земјава кои работат во загуба со цел, како што рече, да ги подобрат услугите, а истовремено да немаат негативен импакт во Буџетот. За секоја компнија ќе се прави одделна физибилити студија и согласно податоците што ќе произлезат од студијата ќе се носи решение.

-Разговараме во Владата за да најдеме решние. ЈПП е само еден начин на решавање на пролемите на вакви компании кои претходно покажувале загуби. Има и други модели, но таму каде државата има мнозинство ќе направиме се за да најдеме начини тие да станат компании што ќе покажат профит. Така ќе добие и државата и граѓаните и вработените во тие компнии, рече Бектеши.

На тој начин, посочи, ќе се ослободат средства во Буџетот за финасирање на неколку проекти.

-Имајќи предвид дека и до овој момент имавме законски решенија и можност да се користи ЈПП, нашата држава и нашите институции немаа храброст да влегуваат во такви проекти. Во нашата држава имаме  само 30-тина проекти што го користеле моделот на ЈПП и затоа сега правиме надградено законско решение, искористувајќи ги најдобрите практики и искуствата што ги имаат најразвиените држави. Тие најдобри практики ќе ги усвоиме како законско решение од кое ќе произлезат подзаконски акти и други правилници, за тоа како од локално до централно ниво институциите да имаат стручна помош и од Министерството за економија и од другите наши партнери со цел да спроведуваат ЈПП кои ќе бидат во корист на граѓаните и институциите за да се подобрат услугите и да имаме подобро реализирани ефикасни проекти во делот на инфраструктурата и другите сектори, посочи Бектеши вј/скс/

Скопје, 21 октомври 2020 (МИА)

 


Видете следно

Економското закрепнување на Шпанија од пандемијата се очекува до 2023 година

Шпанија ќе мора да почека барем до 2023 година за да достигне стабилно економско закрепнување …