Мисајловски од Ѓорче Петров вети за 20 отсто зголемени пензии, повисоки плати и вработување на младите


Чувствувам обврска да водам позитивна кампања, да бидам позитивен, насмеан, да не направам криминал и корупција. Верувајте во мене верувајте во овие луѓе тука. Верувајте во Христијан Мицкоски, верувајте во коалиционите партнери. Овој пат вие сами одлучете, истакна денеска носителот на листата на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ во Втората изборна единица 2, Владо Мисајловски во обраќање пред граѓаните на скопската Општина Ѓорче Петров.

– После 15 јули нема промени одберете сега. Дали сакате обнова со Христијан Мицкоски со сите нас или да продолжи Зоран Заев со она што го правеше овие три години. Вие често пати ќе слушнете колку тој сега ја сака Македонија, колку неговите пријатели од власта. Но, гледате и други партии излегуваат со националистички тврди ставови. Нема да ги коментираме нив, нагласи Мисајловски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ го засега да го сочува Ѓорче Петров и да го зачува „македонизмот во сите нас”.

– Ова е патриотско Ѓорче. Овде постои емоција овде постои нешто што е свето. Тоа никој не смее да ни го одземе. Ние се обврзуваме и јавно говориме дека нема да ве разочараме. Јас знам дека Христијан Мицкоски ќе ги слушне сите ваши проблеми, им порача Мисајловски на жителите на Ѓорче Петров.

Тој ги запраша присутните дали сакаат подобра иднина и младите да останат „тука во Македонија во Ѓорче Петров”, дали треба Гоце Делчев да биде Бугарин или дали треба македонскиот јазик некој да го прекрсти.

– Се надевам на разум кај сите партии. Независно кој од која партија е ние на сите ќе помогнеме. Нема да ги двоиме луѓето на наши и ваши, имаме заеднички проблеми. Но, сите што погрешиле ќе си одговараат, нагласи Мисајловски.

Тој во обраќањето вети дека ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите ќе има за 20 отсто зголемени пензии, поголеми плати и многу млади луѓе ќе се вработат.

– Тоа е Обновата, да шириме позитивна енергија. Јас чувствувам обврска кон секој од вас и по изборите ви ветувам ќе останам тука за вас, им порача Мисајловски на гласачите од Ѓорче Петров.

Скопје, 29 јуни 2020 (МИА)


Видете следно

УЈП бележи намалување на наплатата на даноците од 6,7 проценти

Управата за јавни приходи (УЈП) бележи намалување на наплатата на даноците од 6,7 проценти. Намалување …