Митреска: Монетарната политика е еден од столбовите на закрепнувањето на економијата


Mерките и политиките спроведени од страна на Народната банка, како и централните банки воопшто, ги дадоа посакуваните резултати во ублажувањето на ефектите од корона-кризата. И покрај пандемијата, кредитната активност во земјава и натаму расте, a непречениот пристап до капитал на меѓународните пазари овозможи зајакнување на девизните резерви и финансирање на антикризните мерки, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во својата презентација на „Меѓународната економска летна школа” – „Направи разлика: Научете како да го процените економското влијание на пандемијата од ковид-19″, организирана од Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

Уште на самиот почеток на корона-кризата, централните банки, вклучително и Народната банка, ја олабавија монетарната политика, односно ја намалија каматната стапка и обезбедија дополнителна ликвидност за стимулирање на економската активност.


Покрај вообичаените инструменти за олабавување на монетарната политика, некои од централните банки на економиите во развој спроведоа и програми за зголемување на активата од државни и корпоративни хартии од вредност, посочи вицегувернерката Митреска.

Како што беше истакнато во презентацијата, спроведените политики ги дале посакуваните резултати. Пристапот до капитал за земјава и регионот е непречен, отворајќи простор за делување преку фискалната политика, додека кредитирањето во земјава и натаму расте и ја стимулира економската активност.


‒ Ефективноста на централните банки и поддршката којашто ја обезбедија беа едни од носечките столбови во економското закрепнување и ублажување на ефектите од кризата врз економијата.

Ако банкарскиот сектор беше еден од главните извори од каде што потекна светската финансиска криза, сега тој е еден од главните фактори за постпандемиско закрепнување ‒ посочи вицегувернерката Митреска.

Вицегувернерката истакна дека глобалната финансиска криза придонесла за преосмислување на глобалната финансиска регулаторна архитектура, со нови стандарди, алатки и практики за поголема претпазливост. Оттаму, банкарскиот сектор и во земјава и воопшто, ја дочека кризата стабилен и во добра форма, којашто дури и зајакна за време на пандемијата.


Видете следно

Деспотовски на самит на „Економист“: Со нов, паметен пристап го намалуваме заостанувањето во инвестиции зад Централна и Источна Европа

​​​​​​​​​Со новиот концепт кој неполна година го спроведуваме во ТИРЗ поставивме јасна и едноставна рамка …