Модернизација на лабораториите на високообразовните и научни установи со поддршка од МОН


Со 318 милиони денари се финансирани научноистражувачките проекти од високообразовни установи во државата на повикот кој Министерството за образование и наука го распиша пред неколку месеци, наменет главно за модернизација на лабораториите. Од вкупниот буџет за проектите, 70 отсто или 224 милиони денари се средства од МОН.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска ја отвори конференцијата „Наука за развој, Заедно е возможно”, соопшти дека од 67 апликации, одобрени се 44 според посебна методологија, разгледувани од рецензенти и од комисии за рангирање. Од одобрените 44, пет се апликации за формално признавање на компетентноста и акредитација, 25 се однесуваат на вовед на нови аналитички методи и 14 се за нова лабораториска опрема.


Царовска посочи дека има тренд на постојано зголемување на издвојувањето на средствата за наука во изминатите три години.

-Ако во 2018 година вкупниот буџет за наука бил 252 милиони денари, за оваа година имаме 400 милиони денари. Така во континуитет финансиите растат за да можеме да постигнеме инвестиции во науката за понатаму таа да биде аплицирана за подобрување на квалитетот на граѓаните што имаат потреба од неа, истакна Царовска.


На настанот учествуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која го потенцираше значењето на науката и инвестирањето во технолошки развој од аспект на нашето членство во најмоќниот воено-политички сојуз НАТО, чии членки се земји со развиени економии кои, како што рече таа, со децении и векови вложувале во науката и кои со тоа покажале дека вложувањето во наука се враќа назад.

Самите членки на Алијансата, посочи Шекеринска, порачале дека уште повеќе треба да инвестираат, свесни дека Алијансата може да ја изгуби предноста што со децении ја имала во однос на остатокот на светот. Затоа, во рамки на НАТО, почнувајќи од претпоследниот самит, е создадена нова структура, т.н. DIANA, која ќе ги насочува и поттикнува целиот научен развој во одбраната.

-Голем дел од технолошкиот развој денеска се должи на научни пронајдоци коишто биле направени во одбранбената сфера, а потоа биле искористени во секојдневниот живот. НАТО продолжува во таква – и базична, и апликативна наука, за да ја задржи таа своја технолошка предност. Ние како држава ќе имаме шанса да учествуваме во тие дискусии, а дома ќе имаме обврска да размислуваме која е поддршката која и ние ќе им ја даваме на нашите научници. Целта на Министерството за одбрана и на Владата е од 2024, кога ќе ги обезбедиме неопходните 2 отсто од БДП за одбраната, еден дел од тие средства, година за година, да ги насочуваме кон поддршка на научни проекти. Со тоа ќе овозможиме одбраната да биде дополнителен замаец за поддршка на научната дејност, истакна министерката за одбрана.

Претседателот на новоформираниот Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, проф. д-р Тодор Серафимовски, ја поздрави поддршката за проекти и изјави дека со формирањето на ова тело се големи и очекувањата за натамошно вложување во науката.

-Образовната фела гледа отворање голема врата на вложувањата, решавање на легислативата која е поврзана и конектирана помеѓу Законот за високо образование и Законот за научноистражувачка дејност и особено нашата обврска во наредните две до три години да изработиме модел за високо образование во Северна Македонија, модел за финансирање на високото образование, кое е толку многу посакувано, проблематизирано, или очекувано да биде на подобро. Треба да изработиме и модел за научноистражувачка дејност. Во сето тоа ќе треба многу вложувања, но охрабрува фактот дека имаме огромна поддршка од целокупната универзитетска фела. Затоа овие проекти ветуваат дека ќе се подигне свеста на научниот кадар и на опременоста, додаде Серафимовски. хс/дма/

Скопје, 23 ноември 2021 (МИА)


Видете следно

ФИТР НА КОНСУЛТАТИВНА СРЕДБА СО СТРАНСКИТЕ ДОНАТОРИ ЗА ГОДИШНАТА ПРОГРАМА

Тимот на Фондот за иновации и технолошки развој, за првпат одржа консултативна средба со странските …