МТСП посветено работи на развивање и подобрување на националните политики за превенција од трговијата со луѓе


Стратешка определба на Владата на РСМ и на Министерството за труд и социјална политика е борбата против социјалната исклученост и дискриминацијата, промовирање на социјална правда и социјална заштита и унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите, момчињата и девојчињата. Ова го потенцираше државната секретарка на Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која се обрати на промоцијата на Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, со посебен фокус на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и за детски бракови како ризик за појава на трговија со деца,  а со цел одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе. На настанот се обратија и државната секретарка во Министерството за внатрешни работи и Национален Координатор на Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Магдалена Несторовска, како и раководителката на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции – ИОМ Скопје, Соња Божиновска Петрушевска.

Tрговијата со луѓе е сериозен облик на кршење на човековите права и слободи и таа најмногу ги погодува најранливите категории на граѓани, а тоа се жените и децата.

„МТСП посветено работи на развивање и подобрување на националните политики за превенција од трговијата со луѓе, подигање на јавната свест, како и на помош, поддршка и заштита на жртвите со целосно почитувањето на човековите права.  Преку Секторот за еднакви можности, МТСП има улога на координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе (НМУ) кој претставува рамка за соработка и координиран приод помеѓу социјалните служби, полицијата, трудовите инспектори и невладиниот сектор”, изјави државната секретарка Тренчевска.

Во насока на подобрување на процесот на идентификација и заштита, во текот на изминатиот период со поддршка на ИОМ воспоставивме 5 мобилни тима во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови се вклучени претставници на Центрите за социјална работа, претставници на Министерството за внатрешни работи-националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани, а нивното функционирање во изминатите 18 месеци е поддржано од ИОМ.

Овие тимови во текот на нивната работа постигнаа извонредни резултати, а во 2019 година идентификуваа 3 жртви на трговија со луѓе, 63 потенцијални жртви на трговија и голем број ранливи лица кои се упатени на соодветна помош и поддршка до други релевантни институции. Од нив најголем процент се деца.

„Работата на превенција и заштитата од трговија со луѓе за нас претставува приоритет. Навременото откривање на можноста некое лице, особено дете да биде вовлечено во трговија со луѓе е основа за правовремена интервенција со цел да се спречи експлоатацијата и да се обезбеди навремена поддршка”, подлече државната секретарка Јована Тренчевска.

Дополнително, во текот на оваа година Министертвото за труд и социјална политика ја зголеми финансиската поддршка за Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и жртви на сексуална експлоатација, а посветивме внимание и на градење на капацитетите на социјалните работници и на трудовите инспектори коишто беа вклучени во голем број обуки.


Видете следно

Вицепремиерот Анѓушев и Администраторот на УСАИД Грин – Американските граѓани преку УСАИД од 1993 даваат поддршка за развој на демократијата, транспарентноста и просперитетот на Северна Македонија

 Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо …