Најбогатите акумулираа 45,6 отсто од богатството во 2021 година


Вкупното светско богатство порасна за 9,8 отсто и во 2021 година достигна 463,6 милијарди долари.

За тоа најзаслужни се САД со учество поголемо од половината од вкупното зголемување на богатството. Кина придонесува со четвртина.


Во меѓувреме, Африка, Европа, Индија, Латинска Америка заедно сочинуваат само 11,1 отсто од растот на глобалното богатство во 2021 година, се наведува во извештајот објавен од банката „Креди Свис”.

Најбогатиот еден отсто од планетата продолжува да акумулира 45,6 отсто од богатството во 2021 година, пишува „Ел Паис”.


Извештајот на „Креди Свис” предвидува малата група да продолжи да расте. Бројот на милионери, со богатство поголемо од милион долари, ќе достигне 87 милиони, а бројот на ултрабогати, со нето богатство поголемо од 50 милиони долари, ќе достигне 385.000 во наредните пет години.

Во основата на пирамидата се оние кои во 2021 година имале капитал помал од 10.000 долари и кои претставуваат 53 отсто од светската популација.


Во поглед на зголемувањето, двете најуспешни економии се САД и Кина, двете со стапка на раст од околу 15 проценти.

На дното е Европа, која расте само 1,5 отсто во 2021 година, но ја акумулира втората најголема маса на богатство зад САД и пред Кина.

За наредните пет години, извештајот предвидува земјите со среден приход да бидат главен мотор на светската економија, со 42 отсто од глобалниот раст.

Што се однесува до распределбата на богатството, според извештајот, овој век глобалната нееднаквост се намалила, поттикната од забрзаниот раст на пазарите во развој.

Претпоставката е поткрепена со тоа што сегментот на оние со богатство меѓу 10.000 и 100.000 долари најмногу пораснал од почетокот на векот, од 504 милиони на 1.800 милиони поединци.

Во извештајот на „Креди Свис”, 2021 се смета за добра година за финансии. бд/

Берн, 21 септември 2022 (МИА)


Видете следно

Нафтата „Брент“ под 85 долари за прв пат од 14 јануари

Нафтата денеска продолжи да паѓа во европското тргување, при што Брент за испорака во ноември …