Намален сообраќајот на австралиските новински сајтови по забраната на Фејсбук


Веб-сообраќајот кон австралиските новински страници опадна за 13 отсто во државата и за 30 отсто од странство откако оваа недела Фејсбук ја блокираше содржината на вестите на својата платформа за австралиските корисници. Информацијата ја објави „Политико”, повикувајќи се на веб-аналитичка компанија „Chartbeat”.

Информациите, собрани од 255 австралиски страници и пренесени од локални медиуми, како што е Еј-Би-Си, го откриваат влијанието на забраната како одговор на предлогот на австралиската влада да ги принуди технолошките компании да им плаќаат на издавачите за нивната содржина.

Првично, Фејсбук и Гугл делуваа заедно против предложениот закон, но оваа недела двата гиганти усвоија различни стратегии. Гугл постигна договор со големите издавачи, додека Фејсбук го прекина пристапот на австралиските корисници до вести.

Премиерот Скот Морисон на прес-конференција се закани дека владата нема да отстапи и оти ќе ја принуди платформата да се придржува до законите на земјата.

Стана јасно дека Фејсбук вчера направиле грешка откако ги блокираа профилите на владините институции, што предизвика остри реакции од многу политичари и организации.

Гардијан објави дека на социјалната мрежа ќе и треба една недела пред да ги деблокира профилите на стотици организации што не се поврзани со медиуми, но се засегнати. Во исто време, ширењето на дезинформации продолжува да зема замав, јавија австралиски медиуми. ссм/

Сиднеј, 19 февруари 2021 (МИА)


Видете следно

Сајбер криминалот е во пораст: како да го заштитите вашиот бизнис?

Малите и средните бизниси се идеална мета за сајбер криминалците – тие се најчесто минимално …