Breaking News

Наплатата на данокот на имот за 2022 година во општина Кочани реализирана со околу 90 отсто


Наплатата на данокот на имот од физичките и правните лица во општина Кочани за минатата година е реализирана со околу 90 отсто, односно остварен е буџетски приход од близу 22 милиони денари.


Според извештајот од извршениот попис за 2022 година, до крајот на декември од физичките лица на име данок на имот биле наплатени над 15,5 милиони денари, што е сосема близу до целосно исполнување на планот. Од правните лица пак, во истиот период во буџетската сметка се слеале околу 6,3 милиони денари, односно нешто повеќе од 85 отсто од планираните приходи по тој основ.


-Наплатата на даночните побарувања успешно се реализира, со што нашата општина е една од најдобрите во источниот регион, а веројатно и во државата. Голема придонес за тоа даваат и даночните обврзници, односно граѓаните и правните субјекти кои имаат солидно ниво на одговорност и финансиска дисциплина во исполнувањето на законските обврски. Сепак, останува отворено прашањето на кој начин да се наплатат побарувањата што заостанале од пред десетина и повеќе години, за кои треба да се направи и вредносно усогласување. На пример, за периодот од 2003 до 2016 година од физичките лица ненаплатени се побарувања од 2,8 милиони, а од правните околу 1,3 милиони денари. Проблем е што дел до граѓаните се починати или се иселиле во странство, а фирмите не функционираат, истакна Гоце Манев од секторот за финансии во Општина Кочани.

Пописната комисија утврдила дека наплатата на комуналната такса за истакнување фирма е со пониско ниво, односно од вкупните побарувања што до крајот на минатат година изнесувале околу 19 милиони денари, ненаплатени останале над 12,6 милиони од кои половина се заостанати од претходниот десетгодишен период. Слична е состојбата и со наплатата на побарувањата за закупнина, додека од надоместокот за користење на јавни прометни површини прибрани се на 70 отсто од планираните приходи. та/
Кочани, 24 јануари 2023 (МИА) –


дма/