Наредбата на Бајден порака дека регионот останува во фокусот на САД и предупредување до ретроградните структури


Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден е порака дека Западниот Балкан е во фокусот на надворешната политика на САД и предупредување упатено кон ретроградните политички структури кои активно или пасивно ги поткопуваат евроинтегративните процеси, оценуваат претставниците на властите во земјава во своите реакции на одлуката за прошири опсегот на вонредни американски мерки за регионот, што опфаќаат и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера оцени дека наредбата покажува дека интересот на САД кон и за Западниот Балкан не е изгубен, туку напротив се зајакнува.


Според Шекеринска, со неа се испраќаат две пораки – дека договорите кои обезбедија решение на проблемите на Балканот се влог во безбедноста на регионот и дека од сите земји во поширокиот регион се очекува силна борба против корупцијата.

– Сите нив, меѓу кои и Преспанскиот договор, САД ги доживуваат, ги толкуваат и ги сметаат за гаранција за безбедноста и стабилноста на овој регион. Втората порака е дека не е доволно само да ги решавате политичките проблеми, туку дека од сите земји во поширокиот регион очекуваат силна борба против корупцијата. Мислам дека и двете пораки кои ги испраќаат САД се добредојени за сите нас кои што посакуваме да живееме во подобар регион, кој што не е само дел од евро-атлантското семејство и НАТО, туку е дел од една евро-атлантска култура на владеење на право, на демократски вредности, слободни медиуми, кои носат просперитет, изјави Шекеринска.

Според неа, проблеми со наредбата може да имаат само оние што „ловеа во матно” и се трудеа или се трудат да ја дестабилизираат државата. – Јасна е пораката дека ангажманот ќе продолжи и дека тој ангажман нема да биде само зад затворени врати, туку ќе биде експлицитен и јавен, нагласи Шекеринска.

И министерот за здаравство Венко Филипче смета дека од перспектива на нашата држава наредбата содржи два важни моменти – прво дека регионот останува во фокусот на надворешната политика на САД и второ дека пораката е упатена кон ретроградните политички структури кои активно или пасивно ги поткопуваат евроинтегративните процеси.

– Тоа се политички фактори, политички партии, поединци кои активно и пасивно работат да ги поткопаат евроинтегративните процеси. Многу е ризично и несериозно да се постапува така, да се поткопуваат тие процеси и да се создава сомнеж дека има некаква позадина. Ова е јасна порака дека никој не може да си поигрува со тие процеси, рече Филипче.

Тој вели дека во СДСМ нема никаква загриженост околу наредбата на Бајден посебно во делот на корупцијата, затоа што, како што рече, за разлика од порано, сега нема никаква политичка заштита на поединци.

Пратеникот на СДСМ и шеф на Парламентарната група на Собранието за соработка со Конгресот на САД, Костадин Костадинов ја поздрави одлуката на претседателот Бајден, оценувајќи дела таа испраќа јасен сигнал кои се интересите на Вашингтон во овој регион и на кој начин ќе се штитат.

– Охридскиот Рамковен договор и Преспанскиот договор се важни државнички достигнувања. Тие се дел од нашите државни и национални интереси и тие се поклопуваат со интересите на нашите пријатели и стратешки партнери, САД. Овие два договори се усвоени токму овде во македонското Собрание и тие се гарант за стабилноста и напредок на нашата држава и на целиот регион. Еден од најсилните гарантори за овие договорите е нашиот стратешки сојузник САД, рече Костадинов.

Според него, изјавите на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека оваа партија и натаму останува против Договорот од Преспа значи вртење грб на граѓаните, но и на нашиот најголем стратешки пријател САД, на нашите сојузници во НАТО.

– Непочитувањето на овие договори е дејствување спротивно на државните и националните интереси, спротивно на меѓуетничките и соседските односи. Најголемата опозициска партија овде во Собранието станува се повеќе изолирана, се повеќе неважна, додаде Костадинов.

И ДУИ ја поздрави извршната наредба на претседателот Џо Бајден, нагласувајќи дека за поздравување е фактот што меѓу оние кои ја загрозуваат стабилноста на Западниот Балкан се етикетирани и вклучени и оние кои работат против Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор, кои всушност се и „наши прогласени светско познати црвени линии”.

– ДУИ целосно ја поддржува одлуката на САД, поточно нивната посветеност за унапредување на отчетноста и борбата против корупцијата во Западниот Балкан, но и низ целиот свет. ДУИ како одговорна партија во Република Северна Македонија ја поздравува одлуката на Белата Куќа за гарантирањето на безбедноста и политичката стабилност на Западниот Балкан, а посветеноста на администрацијата на Бајден за унапредувањето на основните интереси во заштитата на демократските институции ДУИ ќе ја подржи и никогаш нема да се двоуми, се наведува во соопштението од партијата.

И Здружението за меѓународна политика „Совет на амбасадори” соопшти дека во целост ја поддржува констатацијата изнесена во Извршната наредба на Бајден дека во земјите на Западен Балкан има широко распространета корупција во разни влади и институции со што се отежнува и успорува напредокот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските интеграции.

Тие ја поздравуваат определеноста на САД лицата кои директно или индиректно, претставуваат закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор како што се Преспанскиот Договор и Охридскиот договор да се ставаат на таа листа.

– Советот на амбасадори смета дека во нашата држава како и во соодветните институции се направени одредени напори да се доведат пред органите на правдата лицата кои во Извршната наредба се категоризирани како лица кои се одговорни, или се вклучени директно или индиректно во недозволените активности корупција од било кој сегашен или поранешен владин функционер, велат од Извршниот одбор на Советот.

Со Извршна наредба на претседателот Бајден вчера се прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка. Наредбата на Бајден за санкциите предизвика реакции на домашната и на меѓународната политичка сцена, со толкување на упатените пораки преку оваа постапка.

Со Наредбата се предвидува санкционирање на кое било лице за кое Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е „одговорно или соучесник, директно или индиректно вклучено во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста” или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот”.

– Станува збор за лица кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор, заклучоците на Совет за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги и одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот управен одбор, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот механизам за кривични трибунали, се неведува во наредбата.

Според документот, со казнените мерки би биле опфатени и лица кои се одговорни за „сериозни повреди на човековите права” и вклучени во корупција во регионот, вклучително и проневера на јавни средства, отуѓување на приватен имот за лична корист или за политички цели и мито “.

Белата куќа соопшти дека таа регулатива овозможува и санкционирање на актерите вклучени во „прекршувања или активности што го попречуваат или загрозуваат спроведувањето на каков било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање, рамка или механизам поврзан со Западниот Балкан “.

На лицата кои исполнуваат еден или повеќе од овие критериуми им се забранува влез во САД, бидејќи тоа е во спротивност со американските интереси.

– Забраните од оваа Наредба вклучуваат давање на какви било донации или обезбедување средства, добра или услуги од, за или во корист на кое било лице чиј имот и интереси се блокирани според оваа наредба и прием на каков било донации или обезбедување средства, стоки или услуги од кое било такво лице, стои во Наредбата. сп/

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА)


Видете следно

ЕУ и наметна нови економски санкции на Белорусија

Советот на Европската унија денеска донесе одлука за воведување економски санкции против Белорусија, што ќе …