Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2021 година


Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година. Нејзин добитник е Рејхан Сулејман, наградена со прва награда за трудот „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија”


Трудот на Сулејман беше оценет со највисока просечна оценка, во согласност со критериумите од објавениот конкурс. Станува збор за труд што се одликува со конзистентност и истражува релевантна област којашто се однесува на економскиот развој, со посебен акцент на нашата земја. Целта на трудот е да се испита влијанието на претприемаштвото врз економскиот раст. Во трудот се дава осврт на претприемаштвото во нашата земја, а економската анализа е направена со примена на релевантна методологија (панел-процена). Главниот заклучок од анализата е дека претприемачката активност во рана фаза (TEA – total-early stage entrepreneurial activity) нема статистички значајно влијание врз економскиот раст, додека етаблираните претприемачки бизниси, или т.н. воспоставена деловна сопственост (EBO – established business ownerships) имаат позитивно влијание врз растот на БДП.

Трудот на Рејхан Сулејман е објавен на веб-страницата на Народната банка и е достапен овде.

Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи веќе петнаесет години, заради стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и афирмација на младите стручни кадри. Конкурсот за годинешната награда беше објавен кон средината на минатата, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Согласно со стандардно утврдените правила, право на учество на конкурсот имаат авторите од земјата на возраст до триесет и пет години, при што секој автор може да конкурира само со еден труд, којшто задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. На годинешниот конкурс беа уредно пристигнати и разгледани четири труда од млади истражувачи.

Согласно со досегашната практика, наградениот труд „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија” ќе биде презентиран во рамките на активностите на Клубот на истражувачите, на сесијата којашто ќе се одржи во јуни.


Видете следно

Успешно заврши натпреварот Regional Youth Peace Lab 2021

На онлајн настан беа прогласени победниците на регионалниот натпревар Regional Youth Peace Lab 2021, на …