Националната конвенција за Европската Унија продолжена за уште две години


Денес, 19 јуни 2019 година, Националната конвенција за Европската унија (НКЕУ-МК) организираше Пленарна конференција во Министерството за надворешни работи. За време на настанот, УСАИД и Словакеид потпишаа Меморандум за разбирање, со кој двете страни се обврза да вложат уште по 100 илјади долари за овој проект да се продолжи уште две години. Меморандумот за разбирање е типичен пример за развојот на Словачка, која од примател на американска помош за развој стана рамноправен партнер со САД, обезбедувајќи своја билатерална помош за развој на другите држави.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, и неговиот колега од Словачка, министерот Мирослав Лајчак, во своите воведни говори на конференцијата ги истакнаа перспективите на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија.

Министерот Димитров, нагласи дека Националната Конвенција е проект на целото општество, а ги спомена и заклучоците на самитот на Европската Унија од Луксембург, додавајќи дека земјите членки на ЕУ ја признаваат работата дома, но и новата надворешна политика.

Мирослав Лајчак, министерот за надворешни работи на Република Словачка, посочи дека патот кон Европската Унија е долг и Националната конвенција е од голема помош на тој пат. Таа овозможува да се институционализира политичката дебата, ги зајакнува експертските капацитети, при што особено важно е сите нивоа да се вклучат во дебатата.

Во своето излагање, високата претставничка на УСАИД во Северна Македонија, Гречен Биркл, истакна дека “Денес ни се нуди можност да го покажеме она што ние во УСАИД го нарекуваме патување кон развојот – помош за нашите партнери од корисници на помош за развој да прераснат во партнери кои и самите обезбедуваат заедничка помош на друга држава. Нашето партнерство со Словачка е совршен пример за тоа патување. Словачка се трансформира за многу кратко време, од примател на помош од УСАИД во 1990 година до меѓународен донатор што денес им помага на другите нации да се развијат. Јас сум оптимист за денот кога ќе имаме слично партнерство овде во Северна Македонија”.

 

НКЕУ-МК работи како отворен, континуиран и инклузивен форум за постигнување широк општествен консензус за прашањата поврзани со пристапувањето на Република Северна Македонија кон Европската Унија, како пример на патот кон самостојност. Во моментов, НКЕУ-МК работи во четири исклучително важни поглавја: Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), Социјална политика и вработување (Поглавје 19), Правосудство и основни права (Поглавје 23), и Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24). Националната конвенција за Европската Унија со своите четири работни групи е одлична платформа за сите засегнати страни во земјата, од владата до граѓанското општество и приватниот сектор, да покажат вистинска заложба за унапредување на агендата за пристапување во ЕУ и пренесување на препораките од работните групи во акциски планови и реални резултати. Во своите пет сесии што до сега ги одржаа четирите работи групи, усвоени се околу 150 препораки кои се очекува да го олеснат патот до самостојност.

НКЕУ-МК е двегодишна програма која заеднички ја финансираат УСАИД и Словачката агенција за надворешна помош Словакеид. Партнер за спроведување на проектот е Истражувачкиот центар на словачката асоцијација за надворешна политика (SFPA), кој обезбедува техничка помош во партнерство со локалната организација, Европското движење во Република Северна Македонија. Проектот, кој завршува оваа есен, се финансира преку Програмата за предизвици на новите донатори (EDCP).

За повеќе информации за НКЕУ, посетете: http://nkeu.mk/


Видете следно

Нова медицинска опрема на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија

Современа медицинска опрема, која се состои од два столба – специјални апарати за лапароскопска хирургија …