НБРМ: Банкарскиот систем успеа да ја задржи ликвидноста и солвентноста, а со тоа и својата стабилност и сигурност


На седницата, Советот на Народната банка го разгледа Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во вториот квартал од 2014 година. Заклучено беше дека и во услови на надворешно опкружување исполнето со големи предизвици, банкарскиот систем успеа да ја задржи ликвидноста и солвентноста, а со тоа и својата стабилност и сигурност, велат од НБРМ.

Растот на активностите на македонските банки продолжи и во текот на вториот квартал на 2014 година, што е резултат на сѐ поголемиот степен на финансиско посредување и поддршката на македонската економија.

Носител на растот на изворите на финансирање на банките се депозитите на нефинансиските лица, а во нивни рамки посебно се издвојува растот на денарските депозити на домаќинствата со поголема договорна рочност, што претставува директен одраз на довербата којашто банките ја имаат кај домашната јавност. Воедно, во услови на закрепнување на домашната економска активност и постепено зголемување на апетитите на банките за преземање ризици, кредитите на нефинансиските субјекти веќе три квартали по ред бележат забрзување на годишниот раст. Растот на кредитирањето е малку поизразен кај кредитите на домаќинствата, но забрзува и годишниот раст на кредитната поддршка на корпоративниот сектор.

Во првото полугодие од 2014 година банкарскиот систем оствари тројно поголема добивка во споредба со истиот период од 2013 година. Главен фактор за подобрувањето на показателите за профитабилноста кај банките беше намалувањето на расходните компоненти, и тоа како на каматните расходи, така и на исправката на вредноста на финансиските средства којашто е намелена пред сѐ како резултат на пониската шестмесечна стапка на раст на нефункционалните кредити.

Кредитниот ризик и натаму е најприсутниот ризик во банкарскиот систем на Република Македонија, но поради целосната покриеност на нефункционалните кредити со вкупната исправка на вредноста, се намалува опасноста од нивната ненаплатливост за солвентноста на банките. Солвентноста на македонскиот банкарски систем е стабилна и со двојно повисока стапка на адекватност на капиталот од законскиот минимум и изнесува 16.9% Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво, при што ликвидната актива овозможува висока покриеност на депозитите на домаќинствата.

Високата и стабилната солвентност на банкарскиот систем и ниво на ликвидност со која располагаат банките придонесуваат за отпорноста на банкарскиот систем на ликвидносните и кредитните шокови симулирани при стрес-тестирањето, коешто Народната банка го спроведува на редовна квартална основа.

На денешната седница Советот, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање кована пара за колекционерски цели „Водолија“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованата пара „Водолија“ ќе се издаде со апоен од 10 денари во 7000 парчиња.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.



Видете следно

Одржана 35-тата седница на Советот на Општина Центар

Советот на Општина Центар, вчера ја одржа редовната 35-та седница. Од 23-те точки на Дневниот …