НБРМ: Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо


На 11.11.2014 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, најновите макроекономски проекции и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Oцената на економските и финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна, и беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Податоците за економската активност за вториот квартал ги потврдија очекувањата за солидно закрепнување на домашната економија, со остварен реален раст на БДП од 4,3%. Најновите високофреквентни показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на овие поволни трендови, со различни движења кај клучните сектори. Имено, индустријата и трговијата во септември и август, соодветно, забрзано растат на годишна основа, наспроти вредноста на извршените градежни работи, која бележи пад и влијае за забавување на растот. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.

Најновите податоци за инфлацијата во октомври 2014 година покажуваат мал месечен раст на општото ниво на цени од 0,2%. На годишна и на збирна основа инфлацијата бележи негативна стапка од 0,4% и 0,3%, соодветно, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и на цените на нафтата. Базичната инфлација, втор месец по ред, е во зоната на негативни годишни промени. Овие остварувања упатија на пониска стапка на инфлација во однос на очекуваната со априлската проекција. Најновите очекувања за увозните цени, исто така, навестуваат помали притисоци врз инфлацијата од очекуваните. Пониските појдовни услови и ревизиите на влезните надворешни претпоставки упатуваат на пониска инфлација за 2014 година од проектираната. Ризиците за движењето на инфлацијата за следниот период главно произлегуваат од ризиците поврзани со глобалниот раст и динамиката на цените на примарните производи на светскиот пазар.

По високото акумулирање на девизните резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, во октомври девизните резерви забележаа мал месечен пад. Ваквата промена на девизните резерви се очекуваше, при што показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Првичните податоци за октомври укажуваат на натамошни поволни трендови кај кредитната активност, чијшто годишен раст забрза и достигна 9,7%. Во октомври, раст остварија и депозитите, иако поумерен, и на годишна основа се зголемија за 8,5%. Движењата кај монетарните и кредитните агрегати се подобрија во однос на очекувањата во априлската проекција. Поместувањата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, со оглед на неизвесните економски случувања, и натаму постојат надолни ризици поврзани со кредитирањето на приватниот сектор во следниот период.

Ликвидноста на банките се зголеми под влијание на автономните фактори, што услови натамошен висок интерес на банките за пласирање средства во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарите на пари беше забележана зголемена трговска активност, при што пазарните учесници, освен со необезбедени депозити, тргуваа и со хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.

Макроекономските показатели за САД во октомври потврдија дека економијата се движи по стабилна патека на закрепнување. Во такви услови, согласно со најавите, ФЕД донесе одлука за прекинување на откупот на хартии од вредност од третата програма за квантитативно олеснување. Од друга страна, макроекономските податоци за евро-зоната ги потврдуваат согледувањата за неизвесни економски изгледи, но позитивно пазарно влијание имаа резултатите за процена на квалитетот на активата на банките во евро-зоната.

Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува, показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватност за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните. Нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар навестуваат поволни движења на кредитниот пазар.

При вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и на растот на светските цени на енергијата и храната. Послабите остварувања во евро-зоната во однос на очекуваните ги нагласуваат ризиците околу динамиката на глобалното закрепнување. Како фактор на ризик остануваат и ефектите од случувањата поврзани со конфликтот во Украина, поплавите во регионот, како и геополитичките тензии во Ирак. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност и тешка предвидливост на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување.

НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.



Видете следно

За една недела ОТСТРАНЕТИ 218 НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА ОД ЈАВНИТЕ ПОВРШИНИ

Во текот на изминатата недела (14.02 – 20.02.2020 година) со специјалните возила пајак се подигнати …